Кармата е одмаздољубива, сигурно не сакате да ја предизвикате
Беше среда попладне, седев во блиското паркче и ги чекав другарите да дојдат на ладно пиво и кикиритки...
Беше убав пролетен ден, совршен за малку разговор можеби и мало растрчување на терените за баскет. На клупата до мене седеа двајца другари и разговараа, па колку и да не сакав бев дел од нивниот разговор, на некој начин бев индиректно вклучен.
„И како е во врската, гледам си нашол многу паметно девојче, таквото и треба да го чуваш да знаеш “, му рече едниот на другиот со очи полни надеж.
„Па знаеш, таа ме сака со цело свое срце, ама јас не сакам ништо сериозно, знаеш малку ми е рано и сакам да го изживеам животот пред конечно да се врзам, подобро е да бидеш слободна птица отколку лигав романтичар и да се обврзеш да го поминеш времето со една“, возврати другиот, негодувајќи на желбата на првиот.
Застанав и размислував што се случи со луѓето? Каде исчезна таа искреност, тоа взаемно почитување, што се случи со љубовта која беше неопходна во секојдневното постоење?
Како луѓето да не можеа да сфатат дека она што е потребно за да ја почувствуваш среќа во животот е да имаш личност крај себе која ќе знае како да те насмее, да ја извлече негативната енергија со еден поглед или еден збор, да те натера да се запрашаш колку е светот поубав со нејзиното присуство.
Не можеа да видат дека она што е потребно е да имаш некој со кој ќе растеш, ќе се надоградуваш секојдневно, отстранувајќи ги сопствените и мааните на оној другиот. На тој начин заедно ќе прераснете создавајќи нераскинлива врска која е посебна на многу начини.
Во целата таа приказна на неживеење на животот, потребна е личност која ќе знае да те налути, но сепак да ја сакаш таа лутина. Да го обожаваш тоа крцкање на забите и сите тие криви линии на нејзиното лице упатени кон тебе. Тоа беше она што многумина го опишуваа како вистинска љубов. Иако никој не знаеше како изгледа.
Ако пронајдеш некој за кого вреди да го споменуваш неговото име навечер и наутро, да го имаш во мислите секогаш и насекаде, да ти биде првата помисла кога станува збор за иднината и прави да се чувствуваш сигурно, бидејќи нема подобар пат од оној на кој што сте се пронашле, тогаш чувај го тоа.
Не барај изговори, не плаши се од обврски. Чувај ја таа искреност и таа взаемна почит. Слави ја љубовта. Жените и мажите во животот можат да доаѓаат и да си одат, да ги има милион, но само еден или една е потребна. Ако најдеш некој кој ќе те натера да се почувствуваш посебно, не го губи тоа само заради глупави изговори.
Затоа што ќе дојде време кога ќе се заврти тркалото, не дозволувајте да се најдете во ситуација да сакате, а да не бидете сакани на начинот на кој што вие не сте сакале кога сте биле сакани. Кармата е одмаздољубива, сигурно не сакате да ја предизвикате.
Не беше моја работа да се вмешам во другарскиот разговор, само го погледнав човекот кој се плашеше од обврзувањето заради испуштање на убавината на животот. Не можев да му опишам колку само греши...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело