Како да сме дизајнирани да се полниме со сите погрешни чувства на овој свет
Отсекогаш знаев да се задлабочам во сопствените мисли и да го насочам погледот во непознато место и додека другите се прашуваа каде летам толку често јас доживував слики, можеби и места за кои останатите можеа само да сонуваат.
Не велам дека тоа не беше чудно, но кој може да го разграничи чудното од реалното или фантазијата од чудното или реалното од фантазијата?
Постоеше начин и време кога светот знаеше да биде нежен, едно време на взаемна љубов и почитување кое пополека како да бледнее, бледнее неповратно.
Сето тоа ме тераше да се запрашам што се случува со човештвото, што се случува со хуманоста и каде исчезна сето тоа взаемно разбирање?
Посакував да ги отворам очите и да налетам на очи полни со сјај, на еден живот исполнет со убави моменти, на едно взаемно помагање кон нашите заеднички и поединечни цели.
Но, кога ќе се разбудам повторно ме чекаат истите вести на телевизија, повторно истите ветувања и разговори, повторно истата цинична насмевка на сосетката која се смее само заради тоа што е принудена, сепак сè уште има некаква корист од мене, кој би одел до блиското пазарче во викендите?
Го мразев тоа светло на темнина, тој плач предизвикан од смеа и сите тие фигури предизвикани од сенките. Се прашував каде исчезна љубовта?
Како да бевме намерно дизајнирани да се полниме со сите погрешни чувства на овој свет, како да не знаевме за сочувство, како да сме заборавиле да сакаме, како да сме станале најсебичните суштества кои Бог би можел да ги создаде.
Го мразев тоа во себе, го мразев и во останатите. Бидејќи сите ние наместо да се движиме кон врвот подавајќи раце едни на други, ние се тркалавме во бездна со една и единствена цел, да ги турнеме останатите што е можно подолу од нас во тоа непрестајно тркалање кон пропаста.
Немаше хармонија во секојдневието, ја немаше љубовта, колку и да ја посакував, имаше само еден детски плач, повредени луѓе и скршени срца.
Зборови кои бодеа повеќе од најострото сечило на еден самурај.
Во животот во кој ние требаше да создаваме, ние постојано уништувавме со нашите дела без притоа воопшто да забележиме каков пример оставаме.
Можеби и не бевме виновни, можеби таков пример нам ни беше оставен.
Лутањето секогаш завршуваше со една воздишка, надеж дека некогаш светот или луѓето од светот, повеќето, ако не сите ќе успеат да ја пронајдат својата љубов пред се кон себеси, а потоа и кон останатите.
Дека еден ден сонцето ќе не огрее и ќе не натера да се сплотиме и богатиот ќе подаде рака на сиромашниот, без гадење и без предрасуди.
Дека расите ќе бидат третирани подеднакво и дека соседот ќе ме поздрави од срце, дека ќе нема зли чувства и неискрени насмевки.
Живеев за да го видам тоа во околината која ме опкружува.
Секој ден се будев за такво сонце и мојот поглед луташе во другите погледи за да го пронајде тој сјај, а дотогаш остануваше само едно прашање кое не сакав да си го поставам, исплашен од одговорот...
Дали некогаш ќе успееме да ја вратиме таа взаемна љубов која одамна исчезнала?
Н. Буџак | Црнобело