Легендата за Саат-кулата и уште 9 забавни факти за Битола
Дали знаете од каде овој град го добил своето име или ја ли имате слушнато интересната легенда за изградбата на битолскиот градски споменик, Саат-кулата? Интересен факт е што првиот конзулат на битолска територија е отворен во далечната 1851 година и токму во Битола е отворена првата кафеана на македонска територија.
За Битола ќе речат дека е град на конзулите, пајтоните, клавирите, Хераклеја, град на Широк Сокак и Саат-кулата... Битола, е вториот најголем град во Македонија, град со несомнено богата историја и култура.
Битолчаните, горди на својот роден крај, тврдат во него секое мало сокаче, уличка, и секое скриено дуќанче се само едно мало делче од еден голем и величествен мозаик на една богата историска приказна. За овој величeствен град, Евлија Челебија запишал дека богатата цивилизација и космополитскиот дух на Битола постоеле уште векови наназад пред неговата модернизација.
Битола е поставена на најславната римска магистрала, Вија Игнација, која се простирала преку Илирија, Македонија и Тракија, преку денешни Албанија, Македонија, Грција и Турција.
Токму поради неговата поволна географска местоположба, но и напредокот во културата, економијата и образованието, заедно со животот на Широк Сокак, Битола отсекогаш била важен економски и културен центар во Македонија низ вековите.
Но, дали знаете од каде овој град го добил своето име или ја ли имате слушнато интересната легенда за изградбата на битолскиот градски споменик, Саат-кулата?
Интересен факт е што првиот конзулат на битолска територија е отворен во далечната 1851 година и токму во Битола е отворена првата кафеана на македонска територија.
Прочитајте за десет важни и интересни факти за градот со многу имиња:
Град на конзулите
Првиот синоним за Битола е дека тој е „Град на конзулите“. Ова име градот го добил бидејќи во него биле сместени конзуларните претставништва на европските земји во времето на Отоманското Царство. Тој временски период, Битола, заедно со Солун, бил најважно место во европскиот дел на Империјата.
Првиот конзулат во Битола е отворен во 1851 година од страна на тогашната Австро-унгарска империја, и токму на Широк Сокак. Подоцна тоа ќе го сторат Британците и Французите, а потоа доаѓаат конзулите од Русија, Италија, Србија, Бугарија и Романија.
Град со многу имиња
Уште еден интересен факт за овој убав македонски град е што низ вековите тој честопати го менувал своето име, во зависност од владетелите.
Словенскиот назив за градот, Битола, потекнува од зборот Обител (старословенски Обитѣль). Овој израз до денес се употребува и во хрватскиот јазик (obitelj) кој за време на средниот век се користел за заедница на монаси, како семејство односно манастир.
Тоа име овој град го добил поради големиот број манастири што се наоѓале во него и во околината, а некои постојат и денес. Со текот на времето, гласот „О“ се исфрла во изговорот на зборот „Обител“, и името на градот станува Битола.
Од истата причина, Грците пак овој град го нарекувале Монастири.
Битола е денешен официјален назив за градот, но истовремено и најстариот назив, судејќи по Битолската плоча од 1015 година на којашто градот е спомнат, како и според доказите од времето на Цар Самуил.
Но, Марко Цепеков, собирачот на македонски приказни, има запишано различна легенда за името на градот под Пелистер. Според неговите записи, Битола своето име го добила по големопоседникот Тољо, кој имал своја тврдина во близината на денешното битолско село Буково.
Во времето кога дошле Турците да го освојат овој дел од Македонија, за да го повикаат на борба големопоседникот Тољо, му велеле „Би Тољо, до би Тољо“, со што според Марко Цепенков од таму потекнува денешното име на градот Битола.
Приказната за Саат-кулата и јајцата
Саат-кулата е едно најстарите и најзначајните обележја на градот.
Според приказните раскажани од старите битолчани, Саат-кулата е изградена во истиот период кога во нејзина непосредна близина се градел и православниот храм Св. Димитрија, во триесеттите години на XIX век.
Кулата е изградена е од масивни камени блокови. Главниот и воедно најдекоративниот дел од Саат-кулата го сочинува местото каде се поставени бројчаниците, и тоа од сите четири страни по еден.
Но, она што е интересно за кулата е легендата која раскажува за нејзиното градење.
Таа вели дека турската власт собрала 60.000 јајца за нејзина изградба. Јајцата биле собирани од градот и околните села. Тие биле искористени за нејзината изградба, за да биде поцврста и поотпорна.
Црквите на брегот на Драгор
Уште една од многуте стари приказни кои се раскажуваат за Градот на конзулите е дека на десниот кеј на реката Драгор, некогаш имало 41 црква и исто толку воденици за нивно издржување.
На левиот кеј на Драгор имало 29 цркви со исто толку воденици. За време на празничните денови во тоа време, народот од селата од Битолското Поле се собирал кај овие цркви, каде ги вршеле верските обичаи.
Поради овој голем број цркви, Грците градот го викале Монастири.