Зошто во животот вечно ние ја ловиме болката, а не таа нас?
Беше три часот наутро, немаше на кого да се јавам, немаше со кого да зборувам. На радио одеше една тажна мелодија која ми се чинеше дека се повторува одново и одново, можеби со часови.
Лежев во хотелската соба со број 323 и колку што бев далеку од мојот дом, толку бев далеку од сопственото тело со душата. Како не сакајќи да се одделиле и таа тргнала по правдата без откажување. А, дали воопшто постоеше правда?
На масата имаше празни шишиња од алкохол, едно или две, веќе ја имав изгубено мерата, во хартија стоеја стуткани отпушоци од цигари, можеби ги имаше десетина.
Низ прозорот немаше ништо друго освен темнина, градот спиеше, единствено светло беа солзите во моите очи. Солзи за кои никој не разбираше како настануваат, сите гледаа маска на мојот совршен живот однадвор.
Мислеа дека проблемите за мене не постојат или и оние кои постојат се решаваат сами по себе, без никаква мака. Но, што ми беше мене грижа за другите?
Побарав ново шише, но сум ги испил сите оние кои беа предвидени за целата недела додека требаше да трае мојот одмор.
Беше предоцна за да побарам ново.
А, душата ми бараше, можеби разумот не, но душата гореше за ново налевање, за нова чашка, како да сакаше да убие сè што живее внатре.
Легнав со главата надолу, ја оставив да виси од креветот и зјапав во огромното огледало од спротивната страна.
Се смеев на сопствениот лик без причина.
Како тоа да беше најчудното зјапање кое постои на светот, а јас да бев сосема споулавен. Се прашував што е нормално?
Како ние луѓето да бевме создадени за таа вечерна меланхолија која не зафаќаше секогаш кога животот ќе стежнеше.
Како солзите да ни беа најголемата одбрана на сите одвратни нешта кои ќе навратеа во нашиот живот.
Не можев да си објаснам ни самиот зошто толку често сме во вечна потера по болката. Како ние да ја ловиме неа, а не таа нас.
Немаше ден да не налетам на неа, намерно или сосема случајно.
Понекогаш и работите кои ги правев, кои ги мислев или работите кои не ги правев и ги премолчував беа едно трагање по вечната болка.
Онаа која не требаше никогаш да ја запознаам, а секој ден запознавав дел од неа.
Знаев дека времето лечи сѐ, знаев дека можам да постигнам сѐ, сето тоа го знаев и повторно се среќававме.
Кога сите ќе заспијат, кога светот ќе се стишеше и ноќта ќе станеше премногу страшна за оние кои се научени да живеат во светлина, останувавме јас и болката, без никој да знае.
Тоа беше скришна средба која се случуваше без ничие барање. Додека се спремав за туширање во ниедна доба, се прашував дали само јас сум таа личност која има потајни средби со болката.
Се прашував дали животот на останатите содржи такви тајни, вечерни средби со една од моите најголеми љубовници или само јас бев оној чиј живот е комплетно чуден.
Додека водата на топлиот туш паѓаше врз моето лице размислував колку комплексна градба сме ние луѓето.
Иако знаеме дека нашите постапки, зборови можеби и луѓе со кои опстојуваме ќе не втурнат во безизлезност која ќе ни предизвика лузни, тоа го правевме свесно и намерно.
За потоа да жалиме.
Дури и да беше несвесно, тоа беше процес кој одново и одново го повторувавме.
Додека телото се воденеше, посакував да можев да ја истријам од моето тело, гребев со рацете по белата кожа, но единствено нешто што остануваше беа лузни од неисечените нокти.
Таа не си одеше, се беше залепила доволно добро и ништо не можеше да ја отстрани.
Остануваше тука за да ми ја даде следната трага за наредната потера по болката...
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело