Живот со вкус на лимонада
Го отворив фрижидерот и ги прибрав некои од намирниците што стоеа таму, ги ставив на даската во обид да направам убав утрински појадок во тоа мрзливо неделно утро. Додека го водев моето мало кулинарско шоу зборував на глас за она што ми пречеше во деновите кои изминаа.
Луѓето знаеја да речат дека ништо не им оди од рака и дека коцките никогаш не им се поклопуваат. Како тие да биле проколнати, а сите околу биле преодредени да бидат успешни. Како другите постојано да имаа среќа, а ние упорно да грешевме. Но, дали навистина беше така?
Се сеќавам дека мојата баба постојано знаеше да каже, „Ние треба да бидеме благодарни за воздухот кој го дишеме, за сонцето кое непрестајно ни го допира лицето, за целиот тој свет кој можеме да го восприемиме со нашите очи. За целиот тој живот и за соништата кои постојат во него. Можеби има солзи, но и кафето е горко, а сепак знае да ти го направи денот поубав. Ништо никогаш нема да биде совршено точно, по тоа правило и животот. “
Можеби не требаше буквално да го врзам во крпче она што таа знаеше да го каже како свое сопствено верување, но јас го зедов како најважна лекција во животот и секогаш кога ќе помислев дека животот не е фер, јас пробував да ја разберам неговата причина за она што се случува. Ми беше тешко да ги стиснам забите кога бев нервозен и да удрам во ѕидот или да ги задржам пцовките кога цело тело ми трепереше за да се развикам.
Се учев да не се жалам, бидејќи не сакав другите да ме сожалуваат, тоа беше едно од најодвратните чувства што човекот може да ги поседува. Од друга страна не сакав да им дадам прилика на злобниците да се радуваат на мојот неуспех и знаев дека малкумина ќе се грижат за она што мене ме засега. Всушност не постоеше никој кој ќе се погрижи да разреши нечиј проблем.
Мразев кога ќе влезам во автобус и ќе ги слушав истите досадни разговори, без никакво решение, мразев да го слушам тоа секојдневно жалење кое понекогаш имаше многу очигледно решение, но секогаш беше полесно да се побара виновник надвор од сопственото тело. А, во најголем број случаи сами бевме виновни скоро за сѐ.
Додека јадењето се крчкаше на тивко, се восхитував на мирисот од моето сопствено дело и ненаситно шмукав од цевката која стоеше во чашата со лимонада. Колку и да беше кисел вкусот на лимонадата ме освежуваше и правеше да сфатам дека не секогаш оној вкус различен од секојдневниот, мора да е оној одвратен вкус кој го замислуваме.
Си мислев дека и животот го прави истото. Колку и да чекаме коцките да се поклопат и среќата да биде секогаш на нашата страна, да бидеме непобедливи и неповредени, животот тоа нема да ни го дозволи.
Ќе добиеме малку горчина и киселост со цел да ја почувствуваме и другата страна на она што ни е потребно. Па кој знае, можеби таа е онаа вистинската, само нас нè научиле да ја сакаме онаа погрешната.
Животот навистина наликуваше на моето утринско готвење, многу зачини, многу работи смешани во една хетерогена смеса во обид да се добие еден совршен вкус. Така секојдневно, со работите, со луѓето, со постапките, сè додека не го добиеме нашиот посакуван, совршен вкус.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело