Жената пријателе, неа треба да ја почитуваш секој миг од животот

Знаете, денес е ден кога многумина ќе потрчаат во најблиската цвеќара, можеби и до најблискуиот бутик со кожни чанти, чевли или можеби ќе бидат возбудени од телото на партнерката, па ќе посакаат да го облечат во некоја секси долна облека.

zenata-prijatele-nea-treba-da-ja-pocituvas-sekoj-mig-od-tvojot-zivot-01

Сето тоа е убаво и изгледа многу симпатично, но додека ги набљудував сите околу, помислував зошто тоа не се случува почесто. Зошто ние луѓето се однесуваме како програмирани роботи кои на еден датум, еднаш во годината треба да го искажат својот знак на почит преку прекрасни подароци на еден одреден ден?

Познавам исклучоци, рака на срце не можев да кажам дека не познавам. Но, кога ќе ја видев глобалната слика изгледаше чудно. Постоеа и луѓе кои преку целата година ќе ги омаловажуваа жените, велејќи дека нивното место е под мажите. Не знаеа да кажат слатки зборови или да направат малечок, фин гест на одобрување, но на овој ден имаа роза завиткана во целофан и се упатуваа кон своите домови.

Секогаш ми беше интересно да седам на големиот прозор во дневната на вториот кат, тој беше свртен кон главната крстосница која водеше до центарот на градот. Тоа беше моето, што би рекле „чашит пенџере” и обожував да ги набљудувам луѓето на овој ден.

Колку и да зјапав не можев да сфатам дали е тоа од чисто лицемерие, или навистина луѓето имаа потреба од конкретен датум за да искажат љубов, почит, внимание. Како другите денови да беа акумулација за сè она што го мислат и на овој ден сè да експлодираше, или па можеби едноставно ги фаќаше срам од останатите, па за да не останат покусо трчаа кај жените во нивниот живот за да дадат знак за внимание.

Се сеќавам дека шкртав во тетратката често, забележував реченици на овој ден, за да ги спојам во една порака до сите мажи надвор, оние кои беа најзбунети, но сепак најактивни на овој ден.

Листот во тетратката на петтата страница имаше наслов „Пријателе почитувај ја жената секој миг од твојот живот”.

Не знам што ме натера да го составам, можеби бидејќи додека растев повеќе време поминував со мајка ми и научив да ги почитувам жените во секој миг од нивното постоење, или едноставно околината во која живеев ги почитуваше жените секојдневно. Или пак, можеби обратното од луѓе кои не ги почитуваа научив, навистина не знам од кај доаѓаше тоа разбирање, но сепак беше таму некаде. Затоа на тој лист пишуваше...

„Пријателе, она што го имаш дома, она што си го избрал да стои до тебе до крајот на твојот живот е човечко суштество исто како и ти.

Таа не е предмет кој треба да ги задоволува твоите сексуални фантазии.

Таа не е програмиран робот кој се грижи за твојата исхрана и твоето здравје, ниту пак платена куќна помошничка која треба да го држи твојот дом светнат и твојата кошула постојано уредна и испеглана.

Таа не живее да биде роб на твоите застарени сфаќања, таа може да се носи рамноправно рамо до рамо со тебе. Сети се на нејзината сила, на нејзината пожртвуваност, сети се на сè она што таа може и го прави, а ти не би се снашол. Колку и да ти звучи анти мачо, сети се и барем за момент признај си на себеси.

На неа и треба твојата љубов секојдневно, зарем тоа е толку тешко да се искаже?

Неа и треба твојата насмевка и твојата прегратка за да се чувствува сигурна. Неа и треба куќа која ти ќе ја направиш дом заедно со неа, и треба нежност и разбирање. Таа ќе прави сè она што си замислил дека треба да го прави, но ако ја почитуваш и ја љубиш на начин на кој никој не љубел, тоа ќе биде заедница која нема да познава мрачни денови.

Затоа пријателе, не само денес, туку секој ден во твојата глава потсети се дека колку и да глумиме силни ние мажите, сепак без нив сме едно големо ништо. Од нив сме создадени, по нив трагаме и со нив ќе завршиме кога очите ќе се затворат за последен пат.

Таа осмомартовска роза која ја купуваш денес, купувај ја почесто, знам дека ти доаѓа одвнатре, не срами се. Слави ја убавината и пожртвуваноста на секоја жена во твојот живот.

Мајка, сестра, сопруга, направи го овој ден и многу потоа денови за паметење. Предизвикај им среќа во секој миг од животот онака како што тебе тие секојдневно и несебично ти предизвикуваат.

Пријателе, сакај ја својата сопруга, а почитувај ги сите останати жени. “

Секогаш знаев да ја отворам таа страница на овој ден, иако беше напишана многу одамна. Тоа го правев за да не заборавам, за да се потсетам и да запомнам, дека колку и да сме посилни, а сме бидејќи физички така некој преодредил.

Ние сме некомплетни без сите наши жени во животот, почнувајќи од нашата мајка, па сè до нашата животна сопатничка. Често знаев да пивнам некоја капка вино и да наздравам за сите мои жени кои на некој начин беа заслужни што  сум постанал она што се го нарекував „ЈАС”.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
Емотивно писмо до сите што ги загубиле родителите: „Зборувајте за оние што заминале, така тие ќе жив... Во првите денови по загубата, се чини дека солзите никогаш нема да преисушат, а ...
Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
„Ноќта кога почина мајка ми сфатив што е вистинска љубов - ми покажа татко ми со кого беше 55 години... „Јас сум среќен вечерва, а знаете ли зошто? Затоа што таа замина пред мене. ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg