Совет од наставничката од основно: Не се предавај толку лесно
Знаете ли дека постојат зборови кои едноставно се врежуваат во вашата потсвест и колку и да се обидувате да најдете начин да ги избришете, тие континуирано стојат на истото место недопрени од вашите обиди?
Колку и да звучи нереално, тоа е како биосот на еден компјутер кој ако го промените може да предизвика огромни главоболки.
Честопати ми се случуваше да останат разни искази во мојата глава, на луѓе кои имале големо значење во мојот живот или едноставно инспиративни зборови на луѓето кои сум ги сретнал на улица.
Седев удобно во креветот, обидувајќи се да смислам алгоритам за мојот нов проект, но после 30-от скинат лист застанав со намера да се откажам. Си помислив дека од таа работа ништо не бидува.
Легнав и почнав да го бирам броевите на колегите за да им кажам дека се откажувам од мојот дел, бидејќи се чувствував како да ги кочам, а мразев да бидам најслаба алка дури и во области каде тоа ми беше физички преодредено.
Сакав да победувам, некако бев ненаситен и сакав постојано да го имам вкусот на победата во мојата уста, но знаев и да се повлечам кога некогаш беше неопходно.
Пред да завртам, се сетив на една случка која се случи во основно одделение.
Знам дека се спремав за државниот натпревар по физика. Самиот предмет по себе е доволно комплициран за да раскажувам што сè немаше во таа стара збирка. Но, наставничката веруваше во мене.
Јас застанав и ѝ реков дека нејзината верба е залудна и дека бескорисно си го губи времето со мене, тоа не е нешто што јас ќе го совладам. Јасно дадов до знаење дека ќе ме собере како младо дрво при првата бура.
Во тоа поладне кога мислев да се откажам од еден прекрасен проект се сетив на нејзините зборови кои не избледнаа во мојата глава.
„Ти кога гледаш во слабите гранки на дрвото при бура можеш да се заколнеш дека тоа ќе се откорне при следниот налет на ветрот. Но, ако погледнеш два пати и овојпат погледот го насочиш во коренот поврзан со стеблото, дали ќе можеш повторно да се заколнеш на истиот начин како претходно?
Задачата која е пред тебе е тешка и напорна, мене тоа ми е многу јасно, но ја имаш мојата целосна поддршка, единствено нешто што барам од тебе е да седнеш да работиш, тоа е полесниот дел, а потешкиот дел е да веруваш во себе.
Дури и да отидеш и да излезеш со празна тетратка, јас ќе се гордеам со корените и стеблото на дрвото кои раснеле пред моите очи.
Колку и да изгледаат комплицирани симболите испишани тука внатре низ страниците на оваа збирка која е постара од сумата на нашите години, ти тоа го можеш и верувај ми не треба јас да бидам тука за да те потсетувам.
Не се фокусирај на гранките, на неважните работи и ситните пречки во твојата глава, засади го коренот за да може да израсне цврсто стебло.
Секоја напорна работа се исплати, дури и да доживееш неуспех“.
Се чудев како не можев да се сетам на текстот што го читав вчера, а се сеќавав на еден цел реферат кој бил раскажан пред десетина години.
Го спуштив телефонот, бидејќи нејзиниот глас во главата не ми дозволуваше да се предадам, всушност не бев тип кој се предава, но признавам како сите и јас понекогаш имав бубачки во главата.
Мислев овојпат на стеблото, на едно цврсто дрво, не размислував за гранките кои ќе се скршат.
Се трудев да се задржам, без разлика колку ќе биде силна бурата. Чепкав и поврзував и она што претходно беше незамисливо и мрачно, пројави мал процеп со светлина.
Колку и да изгледав заглавен најдов трошка светлина на крајот на тунелот.
Бев фасциниран од моќта на потсвеста и искрените говори на луѓето кои сакаат да успееш, колку само е чуден човековиот мозок...
Беше тоа пладне полно со плодна работа, која после тоа присетување бев и повеќе од сигурен дека ќе биде успешна.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело