Никогаш не дозволувај твоето срце да биде исполнето со мрачни чувства
Лежев на подот на среде соба, зјапав во лустерот кој висеше на ѕдиот, како тоа да беше најубавото уметничко дело кое сум го видел во животот.
Погледот ми беше отсутен, бев растргнат помеѓу соништата и реалноста. Вдишував длабоко за да го испразнам телото од сè она што го предизвикуваше ѓаволот во него. Се обидував да ги отстранам сите негативни мисли со песна која носеше промена во собата.
Цимерот влезе исплашен, се затрча кон мене, мислејќи дека тешкото секојдневие конечно ме соборило, но јас не се предавав. Ми се чини со сè што имав преживеано можев да се борам уште со години и да бидам пример како победник над смртта. Ме растресе и потоа ме шутна со нервоза и страв. Му се замрзна погледот морав да признаам, а јас како луд се смеев додека тој ги гризеше ноктите на раката.
„Знаеш ли ти што сè ми помина низ главата, како можеш да лежиш така со погледот отсутен нагоре, будала!“ - лупна тој по плакарот и седна на троседот.
„Се релаксирам од секојдневието, знаеш дека често го правам тоа, не за да ти застане срцето, туку едноставно за да го исчистам телото од сите отрови кои не треба да се најдат таму, за душевните отрови зборувам... “ - му возвратив јас смирено, сè уште зјапаќи во лустерот на таванот.
„Да бидам искрен ти се восхитувам, ти си единствениот кој и покрај сите лоши работи кои ти се случиле не си дозволил депресијата да те победи, ниту пак да се налутиш, јас никогаш не можам да кажам дека ти некогаш си бил лут или изнервиран, за разлика од тебе јас полудувам секојдневно, среќа што плаќаме кирија и ова не е наше инаку досега сѐ ќе беше искршено!“ - ми се обрати.
„И која ќе биде целта на твоето кршење, минлив гнев, десет минутно празнење, потоа каење и повторно истата омраза. Животот секојдневно ќе ни нанесува неправди, имам речено многу пати, ќе речам повторно. Но, што ќе направам јас со него, ако постојано имам гнев и омраза кон сите околу мене? Тој колку и да е неправеден, сепак е една игра без резервен жетон или резервни животи, што ќе видиш ти од него ако постојано имаш негативни чувства во себе?
Сум плачел многу пати, сум викал и сум се нервирал за можеби и полоши работи од тие кои те мачат сега, сум пцуел и сум ги мразел сите околу, сум отурнувал луѓе и сум ја губел нивната љубов за нешто што подоцна ќе помине. И кога неколкупати ќе видиш дека сето тоа е залудна загуба, бидејќи нeправдата останува, срцето полно со омраза, а единствено нешто што губиш се скапоцените нешта во животот, сфаќаш дека си грешел.
Откако изгубив многу сфатив дека не смеам да дозволам срцето да ми е исполнето со мизерија. Омраза, гнев, одмазда и очај некако не се чувствата кои стигнуват до таму, секогаш кога ќе се почувствувам така лежам како сега, зјапам нагоре, во таа бура на негативности ја барам љубовта. Како мое кандило со кое се борам против сите клетви.
Пуштам музика и вдишувам длабоко неколку пати, сè додека не ја потиснам, сè додека не исчезне, затоа што не смеам да ја пренесам, не смеам да ја раскажам, не смеам некој друг да заразам со мојата бура на одвратни чувства. Затоа сам се борам да го исчистам срцето од тоа проклетство. За да живеам живот исполнет со радости и луѓе со насмевки, а не да ги оттурнувам со моите животни проблеми претворени во депресија и омраза. Мора и ти да научиш да го чистиш срцето од нив, мораш...“.
Без да го повикам легна до мене и заедно зјапавме во лустерот, ќе си помисли некој сме се мрднале од умот. Но, после првото замижување и ослободување од сета таа душевна болка, тој сфаќа дека дејствува, мојата теорија на ослободување на срцето од целата мизерија на светот, дејствува.
И останува тука долу на подот да лежи дури и подолго од мене, сè додека не се истисне секој душевен отров од секоја вена и не излезе преку вдишувањето кое носи надеж за подобро утре, а подоброто утре доаѓа само ако со себе понесеш чисто срце, ослободено од сите одвратни чувства.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело