Како знаеме кога е вистинското време?
Мојот живот е воден од логиката, барем најголемиот дел.
Понекогаш логиката знае да ме предаде, знае да не ми понуди одговори. И се научив да го прифаќам тоа.
Секогаш ќе постојат работи кои не можам да ги разберам.
Времето е неуморно. Никогаш не запира. Без разлика на тоа дали сме среќни или страдаме, продолжува понатаму. Речиси секогаш ни се чини како да лета или како стрелките од часовникот да не сакаат да се поместат. Никогаш не оди по наша желба.
Близок пријател еднаш ми рече дека времето е скапоцен дар кој можеме да го дадеме или добиеме. Дар кој најчесто залудно го трошиме. Безгрижно го трошиме на незначајни работи и не се ни обидуваме да помислиме на оние важните работи.
Потоа се жалиме дека немаме доволно време.
Совршените работни места доаѓаат и си одат, совршените врски излегуваат не така совршени како што сме мислеле, можностите и пропуштените шанси изобилуваат. Понекогаш, необјасниво, моментите не одминуваат.
А, секогаш постои повеќе од едно „си било некогаш“. Секогаш постои шанса за нов почеток на приказната.
Отсекогаш знаев дека сакам да студирам некаде во странство. Сон ми беше да отпатувам и да живеам во Лондон, па кое место е поидеално за студирање? Цело лето се подготвував да заминам. Разгледував брошури, визи...
Никогаш не заминав.
Се случи што се случи. Реалноста ме удри по глава. Проблеми со пријателите. Проблеми во врската. Со здравјето... И морав да се откажам од мојата желба да заминам за градот од моите соништа.
Но, времето продолжи понатаму.
Се обидуваме да се бориме со времето секојдневно, да го контролираме, се обидуваме да најдеме време за сè она што посакуваме да го направиме. Но, соништата собираат прашина, во нашите дневници или срца, го чекаат совршениот момент, но тој никогаш не доаѓа. Вистинското време не постои.
Времињата се менуваат.
Секогаш се прашував како ќе изгледаше студирањето во странство. Постојано ме обземаше чувството дека нешто имам пропуштено, дека нешто недостасува, можноста која ме одминала.
Подоцна решив да запишам магистерски и чувствував дека е време да заминам. Одлетав, а таму секоја минута ја третирав како скапоцена. Уживав во секој час. Секој ден.
И тогаш сфатив... Понекогаш ни се чини како да е вистинското време за некои работи, но едноставно не е. Понекогаш совршената работа доаѓа тогаш кога најмногу ти е потреба, а понекогаш доаѓа откако потпишуваш договор.
Понекогаш и врските добиваат втора шанса.
Еден ден пропуштените шанси се можности.
Секој ден може да биде почетокот на приказната.
Она „Си било некогаш“.
Само времето ќе покаже кој е тој ден.
Н. Г. | Црнобело