Дали сте подготвени за новогодишна метаморфоза?
Како што изминуваат деновите до првиот огномет на темното небо на полноќ, секој од нас очекува едно ново раѓање, метаморфоза на сопствениот систем, општа преобразба на подобро и една мапа за краток пат до среќата.
За да не се разочарате не очекувајте целосно да го избришете човекот кој живее во вас, туку на она што веќе постои имплементирајте го сè она што сакате да го видите во рефлексијата на огледалото во новата година.
Отфрлете ги сите негативности и сфатете дека бројките на календарот се всушност вашата добивка, ако секоја од нив е заокружена како успешно завршена приказна.
Насмевнете се на секој спомен од годината која изминува и кога стрелките ќе се преклопат посакајте уште една исполнета година, со спомени, со љубов, со здравје, со среќа, со успех, со живот исполнет со радост.
Нека со изминувањето на миговите до Новата Година вашите желби се обединат во една и нека излезат од вашето битие како глас кој ќе викне доволно гласно за да биде слушнат од универзумот.
Втрчајте во прегратката на вашите најблиски и исполнете го нивното срце со неизмерна љубов. Дајте им до знаење дека тие се вашата безбедносна мрежа додека вие скокате на трапезот на вашиот живот.
Не плашете се од вашите огромни амбиции, борете се да станете личноста која отсекогаш сте сакале да бидете. Оставете го вашето минато и живејте сега, нека не ве плаши иднината, бидејќи за луѓето кои се борат за убави работи во сегашноста, иднината е безбедно место.
Направете го сè она што не сте го направиле поради разни изговори, патувајте, откривајте нови вештини и нови начини да ја подобрите личноста во вас.
Отфрлете го сè она што ја ограничува вашата слобода, не дозволувајте ниту еден ден да ви биде тмурен, бидејќи животот е прекраток за да се исполнувате со негативна енергија.
Запомнете да наздравите, со убави мисли, со песна во главата и без злоба во вашето срце.
Остварете ја метаморфозата, не само во годината која доаѓа, туку и во таа по неа, остварувајте ја секојдневно, за зад себе да имате убави подароци од годините кои изминале и да бидете во исчекување на подароците од оние кои доаѓаат.
Н. Буџак | Црнобело