Тајната порака во новогодишното пакетче од пред неколку години

Колку е убаво кога ќе можете да слушнете утешителен збор од некој близок, некој кој добро ве познава и ви ги знае сите слабости. Некој кој ќе ве натера да ја пребродите секоја депресија и емоционална болка која ви се наметнала за време на секојдневното талкање по среќа.

tajnata-poraka-vo-novogodisnoto-paketce-od-pred-nekolku-godini-001.jpg

Но, што ако овие зборови ги слушнете од вас самите упатени кон вас самите?

Беше сосема неважен ден, 28-ми декември додека расчистував нешто низ дома. Време за предновогодишна чистка, каде сите неважни работи одеа во една голема кутија која потоа одеше во заборав. Се сеќавам дека бев изнервиран од работниот ден, шетав наоколу со солзи од лутина во очите.

Се прашував дали јас доволно вредам и дали она што го правам е доволно, дали јас сум неостварена желба или брод кој сигурно плови напред. Не знам зошто постојано имаше потреба од таа дискусија, знам дека илјада пати имав кажано дека нема да дозволам да се случи, но се случуваше секогаш кога работите немаше да тргнат онака како што би било според мојата луда глава совршено. А, што е во животот совршено?

Ја презирав таа германска карактеристика на перфекциониста, затоа претурав сè одново и одново да се осигурам дека сè што треба ќе остане, а сè што не треба, дури и најситното ливче ќе ставам во кутијата на заборавот. Така занесен додека ја расчистував последната полица зад речникот по германски јазик пронајдов мала дрвена кутија.

Не можев да се сетам како се нашла таму, ниту што е, ниту како сум успеал да не се ослободам од неа во претходните генералки. Повторна навреда на мојата темелна работа. На кутијата пишуваше „Среќна 2004 година“ и го имаше моето име веднаш до годината. Кутијата беше голема колку една тетратка, беше дрвена и прекрасна, не знам како сум успеал да заборавам толку монументален артефакт кој датираше дури од далечната 2004 година кога имав само осум години.

Нестрпливо ја отворив и внатре стоеше рачна светилка во форма на НЛО која светеше зелено и опаковка од сладолед со ликот на Спиди Гонзалес. Но, имаше уште едно ливче на кое беше испишан текст. Содржината на кутијата ми го смени расположението и ми ја одзеде нервозата предизвикувајќи насмевка на моето лице.

На листот најгоре лево со трапав ракопис беше напишано, драги Јас. Си помислив како сум можел да напишам таква глупост, каде ли ми бил паметот, но како што читав надолу сфатив дека причината за колебањето во мојата личност било тотален апсурд.

Внатре пишуваше:

„Драги Јас,

Сигурно ова писмо ќе го заборавиш и ќе го најдеш неколку години подоцна, ако го најдеш не заборавај да си купиш уште еден ваков сладолед, одличен е. 

Сакав само да знаеш дека престанав да плачам, детето кое сакаше да ме повреди денес си доби шише од газоза по главата, решив да му се спротивставам. Учителката ме искара и рече дека ќе ми пише единица. Но, не се лути што ќе ти го уништам планот за студирање на МИТ, извини не сакав, но си бараше.

Еве како што гледаш се обидувам да пишувам со најубав ракопис, барем се трудам колку што можам подобро.

Читам најдобро во класот, научив да возам велоспиед и со тато летавме авион на далечински управувач, знаеш робот-авион, онаков како што ти еден ден си замислуваш да направиш.

Ако веќе си го направил почасти се со уште еден сладолед, си заслужил. Не заборавај да се соочиш со сите лоши работи и да им удриш по едно шише од глава, како јас на детето од другиот клас.

Чувај ги мама и тато, најдобри се, ми купуваат играчки редовно, сакај го брат ми, ако е немирен и знае да ме нервира, наша должност е да го браниме од сите кои ќе сакаат да го повредат.

Ќе се потрудам да ги имам сите петки до крајот на годината за да не ти ги расипам плановите за успешен човек кој ќе помага на другите. Знаеш се колебав дали ќе можам, но и пред да почнам да пишувам се колебав, па еве види сега, цел текст.

Ти сигурно си успеал и си станал она што замислувавам. Не биди арогантен и не заборавај да им помагаш на другите, голем јас не ме срами, остани скромен, како што не учеше мама.

Уште нешто, бидејќи немам веќе место на листот, нека ни е среќна новата, тебе идната која ти доаѓа, а мене оваа 2004, се надевам еден ден ќе се сетиш дека јас постоев, како што ти постоиш и ќе се потсетиш колку бев паметен, што значи аналогно и ти си паметен дури и попаметен од мене.

Не се сомневај, како што вели татко ми додека вози гази, гази на гасот, така и ти гази врз животот. Ако јас успеав да составам цел состав кој не е соодветен за моите години, ти можеш да составиш вистинска сложувалка од својот живот.

Ќе видиш ќе биде прекрасна.

Остани жив, здрав и примерен,

Од мене до тебе, од јас до јас, со љубов...“

Се потрпев на ѕидот посакувајќи да го гушнам оној кој го напишал тоа. Не можев, бидејќи логично тој беше длабоко во мене, оној кој сум го надраснал ме потсети на основното нешто што требаше да го знам пред него.

Никогаш не се сомневај во своите способности и во фактот дека ќе успееш. Седев потпрен на ѕидот со солзи на очите и кутијата со малото богатство во рацете. Сфатив дека сè она што ме мачеше, всушност заслужува неколку сладоледи „Спиди Гонзалес“, штета што повеќе не постоеше.

Ме натера да се запрашам зошто постојано се сомневав во резултатот кога давав сè при процесот, нели е логично дека се ќе биде во ред.

Земав лист и хартија, време беше за ново новогодишно писмо, во дрвената кутија, која ќе го потсети стариот јас, дека тој може и тој ќе успее.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Н. Буџак | Црнобело 

Би можело да ве интересира:

Таско за CRNOBELO лексикон: „Имав потенцијал за учење, но постојано се бунтував кај професорите“ „Ги излажав моите дека сум излезен во маало, а јас отидов многу подалеку, и се к...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
Спомен што секогаш ми измамува насмевка: Тоше и Дејан Лилиќ правеа склекови, а јас ги фотографирав Моите спомени поврзани со Тоше никогаш не се тажни. Напротив, ми измамуваат насм...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
Тијана Дапчевиќ за CRNOBELO лексикон: „Му скршив заб на девојче во петто одделение“ „Kога сум била во градинка, на 4-5 години, сум зела вазна со вода, сум се полила...
Во свет каде што не се гледа бесконечниот, тежок товар на мајките, вие го забележавте... „Ти си прекрасна мајка“, ми кажавте откако си зедовте за право да ми помогнете в...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg