Јас би можел да го покорам светот, само со малку помош од моите пријатели
Татко ми отсекогаш велеше дека пријателството лесно се стекнува, но тешко се одржува. И секојдневно во главата си ги повторував тие зборови, бидејќи едноставно израснав со радоста во нашата куќа кога ќе дојдеа неговите пријатели.
Беше празник за мене, знам дека беше празник и за моите родители. Едноставно се храневме со среќата на блискоста која се чувствуваше во собата. И до ден денес доаѓаат и му го полнат срцето, а со тоа го полнат и моето.
Додека растев тие ме учеа дека најважно е да останеш човек, да бидеш добар со секого, бидејќи е јасно дека нема да можеш да бидеш близок со сите.
Ми дадоа до знаење дека пријателството не се темели на корист, ме научија дека нема мое, твое, има наше, заедничко, кое го градиме секојдневно, непрестајно уживајќи во она што е чисто и искрено.
Кога имате вистинско другарство вие секогаш имате некој кој ќе ви го промени животот.
Добро е да знаете дека вашите пријатели се секогаш тука:
Кога целиот свет ќе се сруши и ќе застанете пред вратите на очајот, знаете дека секогаш ќе чекаат тука со вас и ќе ве убедат да одите на некое поубаво место.
Кога животот ќе ве погоди онака најсилно и ќе си помислите дека дошол крајот, тие ќе ве викнат на пиво и скара и ќе сфатите дека всушност крајот бил нов почеток.
Кога болката ќе навлезе во вашата душа и ќе се обиде да продре до секоја клетка на вашето тело тие ќе бидат единствениот лек кој знае да го скроти тоа проклетие.
Кога солзите не сакаат да пресушат, тие ќе најдат милион причини кои ќе ве насмеат.
Кога ќе се чувствувате бескорисни и беспомошни, сами во светот полн со лаги, тие ќе ви дадат до знаење дека и тие се исто така бескорисни и беспомошни како и вие, но сепак се борат. Ќе ве натераат да ја вратите гордоста, да погледнете нагоре и наместо да се мислите за калта во чевлите ќе размислувате за светлото на месечината.
Кога ќе мислите дека срамот е единствено чувство кое треба да го имате, тие ќе се изглупираат десет пати повеќе од вас само за вие да се чувствувате убаво.
Кога сè ви изгледа недостижно, тие секогаш ќе ви ги понудат своите рамена, за да се искачите и дофатите, макар тоа да бидат и ѕвездите.
Кога ќе се чувствувате празно и осамено, тие ќе знаат да ја разбудат таа неконтролирана смеа на вашето лице, да ви ги отргнат мислите и да ве натераат да се чувствувате исполнето.
Кога ќе сте изморени од одбивање и трагање по совршената љубов тие ќе ви кажат дека треба да престанете да барате, бидејќи не секој заслужува човек како што сте вие, едноставно големите работи им се случуваат на големи луѓе неочекувано,а вие веднаш ќе се чувствувате поинаку.
Без разлика дали сте на болница или во пивница, на свадба или на гроб, без разлика дали денот ви започнал одлично или за никаде, тие секогаш ќе бидат вашата потпора, вашиот камен врз кој можете да ги исфрлите сите негативности.
Затоа сè што правите во животот изгледа некако полесно кога го првите со помош на вашите пријатели.
Бидете благодарни на изворот на среќа кој стои крај вас. Прегрнете ги и секојдневно градете ја патеката кон успехот заедно. Заблагодарете му се на оној горе што ви ги пратил и секојдневно верувајте во она што го имате. Бидете искрени и очекувајте искреност. Бидејќи пријателството е света работа.
Ако ме прашувате мене, јас би можел да го покорам светот само со малку помош од моите пријатели.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Н. Буџак | Црнобело