Дуќан „Илузија”
Како ледено доба да беше дојдено. Каде и да се свртиш можеш одразот од лицето да си го видиш. Калдрмата на улицата беше покриена со дебел слој мраз, зошто претходните 12 дена врнеше без престан, па кога ќе се свртиш надолу можеш да си го видиш ликот како на винтиџ слика.
Одоколу улицата беше полна со дуќани и разни тезги, на излозите од дуќаните наредени кукли па, додека занесено се шетав по сокачињата се загледував во нив и правев живи колажи.
Мојата глава како да ја прилепував на телото на куклата. Потоа ќе се загледав на некоја тезга, а таму мало огледалце за да видиш како ти стојат обетките.
Меѓу сите тие дуќанчиња со дрвени даски околу излозите имаше еден доста неугледен дуќан, дуќан –,, Илузија”. Интересно му беше името, а излогот доста мрачен, па не можев да пресудам што би можеле да продаваат во него.
Како нозете сами да ме понесоа кон вратата и со првиот чекор кога го преминав прагот, ме облеа мирис на портокал помешан со јасмин.
Веднаш го препознав, секое утро пиев сок од портокал седната покрај прозорецот каде ни беше засаден јасимнот. И од тогаш знаев дека тоа е љубов на прв поглед. Јас и дуќанот.
На вратата ме пречека девојка облечена во фустанче со некои традиционални везови за средна Европа, имаше плетенки и црвена коса. Ми даде џебен часовник.
Искрено мислев дека такви веќе и не постојат, но тука забележав секој имаше по еден таков. Тогаш се свртев кон дуќанот и забележав тој беше поголем од останатите и распределен на повеќе штандови.
На левата страна стоеа жонглери со исцртана солзичка на лицето, веднаш до нив една тетка која беше прилично накитена со накит и марами,а пред неа голема стаклена кугла. Доживувањето беше поголемо,зошто близу до неа се креваше чад во различни бои, од така наречените „Љубовни напивки“.
Почнав да ги разгледувам штандовите еден по еден и ги забележав нивните имиња, првиот каде што застанав се викаше МОМЕНТ, но кога застанав на тезгата немаше ништо, само една жена која беше весела и ме послужи.
Малку се разочарав, а тоа видно се исцрта на мојот лик, а јас не би знаела за изразот на моето лице доколку од позадина не осветлеше блицот на апаратот и потоа жената ја извади фотографијата и ми рече: Зачувајте го овој МОМЕНТ! И ме испрати со голема насмевка до следниот штанд со натпис ОПТИМИСТ.
Во едно столче седеше, црн дечко, доста развиен и прилично згоден и убав. Ми рече: „Добар ден Мадам, кое е вашето хоби, занимација или професија?“ Се насмевнав и му одговорив дека сум невработена актерка, зошто неодамна ме избркаа од народниот театар, зошто едноставно немав чиста дикција и дека после тоа немам и не сакам да имам некаво хоби.
Едноставно одмарам од животот. А тој слатко ми се изнасмеа, што малку ме онерасположи, но кога ја видов неговата насмевка со тие правилно распоредени заби како да заборавив на негативата која и онака одамна беше упиена во мене. Потоа ми рече дека имаме слична судбина и ми го побара мојот број, што го сметав за многу неучтив потег, но нешто ме натера без негодување да му го дадам. Тој ми рече за момент или два ќе го добиете вашиот пакет ОПТИМИЗАМ!
Се упати за да ме испрати до следниот штанд, а тогаш забележав…тој не седеше на обично столче, туку на инвалидска количка.
Со зачуден лик и доста згрозена од ситуацијата си заминав од тезгата и додека се упатував кон следната, ми пристигна порака во која имаше слика од истото момче, само овој пат во ликот на Хамлет во истата количка, само на сцена. А подолу и аудио дел. Го пуштив и го слушнав мојот глас. Зборував чисто, непрекинато и без никаква пречка, доста јасно и разбирливо…
Конечно стигнав и на следниот штанд пишуваше СРЕЌА. На тој штанд имаше многу листови, цели табаци листови наредени во купови насекаде,стари мастила, перца, машини за куцање, некои тефтери, пенкала и моливи, насекаде мали ливчиња со разни пораки на нив.
Штандот ми изгледаше прилично примамливо и се упатив да земам еден лист, тогаш џебиот часовник кој ми го дадоа почна да пишти и дојдоа две дами кој ми рекоа дека за мене посетата завршила и морам да го напуштам дуќанот.
Се разочарав, но немав избор ни можност за негодување, дамите учтиво ми објаснија дека секој муштерија има одредено време кое може да го помине во дуќанот, а моето завршило.
Излегов од дуќанот и повторно го почувствував мирисот на смог и на железни монети. Погледнав кон небото, падна и првата снегулка во оваа година, велат ако ја видиш првата снегулка среќа ќе те пратела цела година, можеби кој знае...
Тогаш ја извадив фотографијата од штандот МОМЕНТИ и ја пуштив аудијо снимката од штандот ПОЗИТИВА, тоа беше совршен колаж, перфектноста на мојот говор и спонатаниот лик на таа фотографија, можеби ми фалеше само малку повеќе СРЕЌА, но веројатно тогаш ќе бев само ИЛУЗИЈА.