Седна на кафе со мене покрај кејот на Вардар
Топло беше. Пеколно топло. Вардар смрди како и вообичаено. Седнав во едно од кафулињата на кејот. Нарачав две кафиња и чекав. Малку доцнеше, ама сепак дојде. Не се ни сомневав, секогаш доаѓа.
Се поздрави со мене и пак почна да ми се обраќа на Вие, будалата ме персираше како да не знаев до каде води ова. Секогаш така почнува, а јас колку и да знам на какво возење тргнувам, сепак седнувам во кабината. Се врзувам, чекам неколку минути и почнува да ме вози ролер костерот.
Ме прашува за мене, како сум? А што знам како сум... Се нешто негодувам, а сè ми е рамно. Упорно ме прашува зошто сум разочарана, некако сум опаднала, пропаднала. Пак почнува со неговите проценки и дијагнози. Гледа дека не ми се збори, нека си оди. Дојдов чисто од култура не ми треба некој тортура да ми врши врз мисливе и духот кој и онака веќе ми е трул. Смрди што од Вардр, што од неговите прашања, што од моето однесување и потта која ми се слева околу косата по челото и околу ушите и кај надусниците. Маме му е*ам изгор е ќе се онесвестам кај и да е.
А, личноста од спроти упорно ме прашува зошто плачам секое сабајле. Каде го остави ентузијазмот, од кого се исплаши толку. Си се згрбавила како полжав во куќичка. Каде ти е гласот. Некогаш урлаше и улиците живеа од твоето заразно смеење, а сега си како скиснат домат. И веќе почнува да се дере.
Само на оваа личност и дозволувам да ми се дере. Само неа не ја проколнувам. Нешто не ми дава да ја сопрам и тоа од секогаш било така. Ме малтретира со тие бескрајни прашања и констатации, како да ме силува со часови без престан, до толку што веќе ми станува сеедно, заборавам што ми се случува. Прво ме разгневува, потоа ме тера да се изнавикам како животно на пораѓање и како хедонистички да лебди над мојот товар, кружи околу барут во моментот додека лета фрленото ќибритче. Ете, така ме збеснува, Ете така ме полудува, додека не си го согорам секој нерв до пепел. И после како во секој исклиширан филм, после огнена стихија волшебно заврнува, плачам. Ама не престанува. Ми мава шамар со ,,А кај ти беше паметот, што си мислеше ти?”.
О, Боже што сака уште од мене? Морам исправено да се држам додека ми мава шамари. Ако паднам на коленици, не било достоинствено. Ме мава се додека солзите и лигите не ми се разлетаат исто како да удриш шлаканица во базен. Сè додека не почнам да одговарам на прашањата како осомничен во притвор.
Ете така изгледа секоја наша средба. Ќе одговорам на секое прашање, ќе се насмевне задоволно, ќе ме баци и станува и си заминува. Го гледам сè додека не се загуби меѓу толпата луѓе.
Јас го повикав келнерот да платам за двете кафиња, кои ги нарачав. А тој дотрча и ми вели: Жалам што не ја дочекавте личноста за кого го нарачавте второто кафе, еве тоа нека биде на моја сметка.
И тогаш сфатив, тоа бев јас.
Автор: Марија Митева | Црнобело