Приказните и метафорите

Смачено ми е постојано да ги слушам истите приказни. Имав помала сестра на која секогаш и ги раскажував истите приказни: за принцези, принцови, самовили и змејови.

prikaznite-i-metaforite-01.jpg

Во тие  приказни секогаш победуваше ДОБРОТО. Но, сестра ми порасна и сфати дека животот не е розова бајка и дека желбите не се исполнуваат со магично стапче, туку со многу труд, оросено чело, жртви и натчовечки напори.

Неколку години подоцна мојата постара сестра се омажи и роди една принцеза. Ја пораснав таа принцеза со истите приказни. Порасна и таа принцеза и дојде до истиот заклучок како и нејзината тетка. Се плашам дека до ден денес во нивните очи има презир кон мене заради фактот што им го обојував светот со ведри нијанси, светот кој е премногу суров и сив.

Денес имам свои деца, еден син и една ќерќа. Секоја вечер бараат од мене да им раскажувам приказни. За што ли да им раскажувам кога веќе на самиот почеток кажав дека повеќе не можам да ги слушам приказните кои ги раскажувам. Како ли да им објаснам на тие сосема мали, невини и наивни битија дека наспроти бајковитоста, романтичноста и магијата на приказните постои реалноста која е толку мизерна, празна и те повредува постојано!?

prikaznite-i-metaforite-1.jpg

Што ли да им кажам за монотонијата на постоењето која постојано ја победува леснотијата на постоењето која ми се врти низ главата откако за првпат ја прочитав истоимената книга на Кундера каде вели дека човекот може да се вљуби и од една метафора, дека тие се опасна работа и дека со нив не треба да се игра…

Мислам дека конечно согледувам зошто децата толку многу ги сакаат бајките. Тие се метафора за еден нам недостижен свет. Децата се вљубуваат во приказните. Апсолутно сега се согласувам со Кундера дека љубовата се раѓа од метафори. И децата постојано бараат нови приказни. Во нивните очи го гледам проникливото прашање ЗОШТО и единствениот сврзник И… И што се случи потоа?

Ретко кој одбива да раскаже приказна. Затоа што можеби секоја нова верзија ќе украде нечија насмевка… Но, ми се наметнува уште едно прашање. Дали додека раскажуваме приказна на некое дете и го гледаме во неговите очи преполни со прашалници, дали истото тоа дете знае кон што се стреми, за што го подготвуваат и во што ќе се престори еден ден.

Би тргнала од себе. Слушајќи приказни отсекогаш сум сакала да бидам добрата самовила која ќе ги исполнува желбите на луѓето. Но, ете пораснав и сфатив дека тоа не е возможно.

Колку повеќе се трудиш да им угодиш на луѓето, толку се понезадоволни и се помалку почит имаат кон тебе. А, ако не им угодуваш се соочуваш со нивниот гнев. А можеме ли пак да живееме цел еден живот под режисерската палка на некој кој можеби сосема случајно се нашол во нашиот живот. Да, добра е дефиницијата дека секој од нас е актер на сцената наречена живот, но не можеме да си дозволиме и режисер. Тоа сме ние самите…

prikaznite-i-metaforite-2.jpg

Затоа што животот е само наш, еден и единствен! И за крај, уште еднаш за приказните: само тие можат да бидат бегство од суровоста на секојдневието каде индивидуите грабаат сè пред себе. Но, ве молам не ме терајте да ги раскажувам. Можам да ви ја раскажам реалноста, еднаш, двапати, милион пати за да согледате што и фали и за да ја направите поподнослива и подобра за живеење. Без радикални промени во срцето, умот и визијата, Земјата ќе заврши како Венера, изгорена и мртва. Тогаш ќе нема кој да раскажува приказни!

Автор: М. К. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

5 кратки раскази, кои се помоќни од цела книга Секоја ноќ одиме во кревет, без некаква сигурност дека ќе бидеме живи наредното ...
„Децата не помнат кој го донел најскапото пакетче и дали украсите се нови – На што се сеќаваат?“ Знаете ли што нема да помнат децата кога ќе пораснат? Кој го донел најскапиот по...
Секој маж може да добие дете, но тоа не го прави „татко“ Биолошкиот родител претпоставува дека ја заслужил љубовта на своите деца само за...
Лила за CRNOBELO лексикон: „Сакав да студирам медицина, се гледав себеси како хирург“ „Немам комплекс, а баш би сакала да имам некој комплекс на море“ - Лила Филиповс...
„Златно море, ти во Дојран ќе одиш“ – ми се гади од бесчувствителните коментари на луѓето Да се разбереме – немам ништо против луѓето што одат на море и немам намера да к...
За жените по 40-тата животот допрва почнува! По 40-тата, жените престануваат да бројат калории. Затоа што љубовта, интересот,...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg