Чук Чук. Кој е? Можноста. Ќе ја отвориш вратата?
Неодомна како и по обичај ја следев својата секојдневна рутина и стационирана на работната маса барем еден час поминав пред комјутерот.
„Скролајќи“ низ Инстаграм сликите и профилите налетав на една многу интересна фотографија. Знаете оние мотивирачките и инспиративните пораки налепени на некоја фотографија од природа или девојка или на крај што и да е. Впрочем воопшто и не е важно тоа, важно е дека налетав токму на една таква слика и важно беше она што беше пишано таму.
„Чук Чук. Кој е? Можноста. Зграпчи ја пред да си отиде. Таа не тропа двапати“.
Ќе да е некако во право оваа порака. Толку дни ги минувам во фантазирање и бурно уредување и прередување на сликите и сцените од животот кој посакувам да го живеам, но остануваат само како сцени од некој филм.
Овој филм постојано го гледам. Еден од омилените ми е.
Завршува последната сцена и одеднаш останува оној простор... на „продлабочени“, филозофски, животни, онтолошки, и како ли уште да сакате да ги наречете, прашања.
Што е тоа што ме кочи да ги остварам своите соништа? Зошто не ја зграпчувам можноста? Можно е да тропнала веќе еднаш и никогаш повеќе да не сака да се врати?
Еден мудар човек еднаш рекол: „Често ја испуштаме можноста затоа што е замаскирана во рутина и личи на работа“.
Ако е во право овој човек, тогаш јас сум екстремно мрзлива личност. Или можеби станува збор за нешто сосема друго? Никогаш нема да ја залепам таа етикета на себеси, но бројните часови психологија ме опремиле со знаењето што е токму тоа.
Вистинскиот збор е страв. Страв да се започне нешто ново. Страв од непознатото. Страв од успехот.
Знаете што? Некако точно е тоа. Никогаш нема да бидеме поинакви и никогаш нема да бидеме подобри, ако не започнеме работите да ги менуваме. Ако не започнеме секојдневно да правиме нови нешта во животот.
Тука лежат можностите.
Го надминуваш стравот, секако не заборавајќи дека во обидите лежат и губитоците, но кој е доволно силен да стане по првиот пад? Не знам.
Мене сè уште ми останува тоа да пробам дали сум доволно храбра да го зграпчам денот, да ги дофатам можностите.
Тебе?