Писмото кое никогаш не го прочита
Здраво љубов, Долго време се обидував да ти се обратам на поинтимен начин како овој, но не успеав поради недоволно храброст и страв од твоето одбивање.
Љубов, знаеш дека си ми љубов, нели?
Не знам по кој пат ти го кажувам ова. Жалам што те повредив, ветувам дека нема да ми се повтори освен во кревет кога ќе те касам во моментите на страст.
Жалам што не го повишив гласот кога требаше и да наговестам дека заминувам за да ме вратиш, туку тивко отползив од твојот живот и оставив тишината да говори во мое име.
Во позадина свири класична музика љубов, на Бетовен, ме растревожува и наежува исто како што тоа го правиш ти кога тивко ми дишеш во врат, на увце, кога ме бакнуваш во чело, искажувајќи ми почит и прикриена љубов.
Знам дека те повредив, прости ми, моите зборови сечеа како нож, но среќна сум што не направија ниедна длабока рана во твоето срце, но доколку сепак направиле, не прикривај, кажи ми, спремна сум доживотно да се посветам на нивното лекување.
Ќе бидам мевлем за твојата болка љубов, која јас ти ја предизвикав.
Сакам да ти се извинам што ме запозна, бидејќи јас бев твојот најсладок сон, но и најлош кошмар од кој понекогаш се будеше со врисок.
Сакам да ти кажам колку те сакам, неизмерно, оваа љубов ми создава емпатија, фрустрација и помирување на крај, бидејќи знам дека е вечна, а вечноста нема граници.
Ќе траеме до бесконечност, ќе бидеме вечни или барем јас. Ти ако сакаш замини. Кога сакаш некој му даваш слобода, нели?
Јас сум твојата девојка љубов, која никогаш нема да биде целосно твоја доколку сакаш да е целосно твоја, таа е твоја кога ти не забележуваш, кога ја оставаш.
Не знам дали се гордееш љубов, но знам дека ќе останеш, не знам дали си искрен, но знам дека си лојален, не знам дали ми веруваш, но знам дека се обидуваш.
Само знам дека те сакам љубов, а и ти мене!