Интересна приказна: Среќавам среќни мисли
Сместете се удобно на столчето, покријте се со ќебе, земете си топол чај и одморете си ги мислите со оваа интересна приказна.
Интересна приказна која навистина ќе ви покаже дека среќата е тука и ја сретнуваме секојдневно, но не секогаш умееме да ја забележиме и задржиме:
„Ги среќавам Среќните Mисли. Застанувам, го вадам шеширот од глава и длабоко се поклонувам пред нив. Долго остануваат со мене, некогаш цел ден, а некои се тука постојано...ги препознавам. Разговараме како господа, пцуеме како кочијаши, се смееме како лудаци. Не ми пречат воопшто. Никогаш не ги бркам, но тие сами знаат кога треба да си заминат.
На нивно место доаѓа госпоѓа Меланхолија. Чудна е. Толку е тажна, а сепак некако мирна, спокојна и морбидно среќна. Таа никогаш не доаѓа во тишина. Секогаш ја следат некакви тешки, бавни звуци, кои се истовремено среќни.
Среќните Мисли и госпоѓата Меланхолија одлично се согласуваат. Добро комуницираат и со господинот Вчера, само понекогаш дозволуваат и самиот ѓавол да ме посети. Ѓавол, кој себе се нарекува господинот Утре. Воопшто не го сакам. Секогаш со себе ја носи својата партнерка, која исто така ми оди на нерви: госпоѓа Грижа.
Иако господинот Утре и госпоѓата Грижа не остануваат долго и не доаѓаат често, сепак знаат дека кај мене никогаш не се добредојдени. Но, понекогаш откога ќе ме посетат зад себе оставаат такви немири, што со денови не добивам никаква посета од Среќните Мисли и госпоѓата Меланхолија.
Во тие денови повеќе се дружиме со госпоѓа Надеж. Шета околу мене, ми прави друштво, сѐ додека повторно не ги сретнам моите пријатели Среќните Мисли. ”
Како ви се допаѓа?