Со тебе ја разбрав убавината на возвратената љубов
Многу пати мислев дека сум заљубена кога се занесував по некој, го сакав и го мразев, патев и го преболував... Сама си ги создавав сите драми и чувства, пријатни и непријатни.
Знаев да сакам и да мислам дека сум сакана или да молам за љубов и да добијам само насмевка или можеби потсмев, а мислев дека тоа е тоа.
Но, дури сега дознав што значи кога љубовта е возвратена.
Никогаш не мислев дека ќе бидам ваква. Чувството кога те видов првпат. Или кога првпат ме фати за рака. Првиот пат кога го спуштив штитот пред мене. Првиот пат кога ми кажа нешто што немаш кажано на никој друг.
Не мислев дека на некој може да му биде важен секој мој поглед, секој мој чекор. Не мислев дека некој гледа убавина во моите трепки за кои мислев дека не се доволно густи, иако беа долги.
Не верував дека некој може да забележи дека различно се смеам кога ќе те видам дека доаѓаш или кога ќе ме изненадиш со омиленото колаче.
Не бев ни свесна дека некој го планира целиот свој ден само за да се поклопи со моите обврски и да го искористи секој слободен момент да бидеме заедно.
Обично јас требаше да трчам и да се снаоѓам со сите работи само за да стигнам да го видам, затоа што сакав и мислев дека така треба. Сега некој беше јас.
Не знаев дека некој може да ме сака со поглед и со срце. Мислев дека мора да кажува на сите колку ме сака, но ти беше доволно само да ме погледнеш и да ми биде доволно.
Сега дознав како сум сакала некогаш и како е кога љубовта ми е возвратена.