7 вечни цитати на Тоше за 7 поминати години без него
Никој не сака да ги брои годините на сеќавањата кои болат. Но, на овој ден повторно надвиснуваат темни облаци и се отвора пукнатината во срцата. Се чувствува празнината која со ништо не може да се пополни.
16-ти октомври 2007 година е денот кога засекогаш изгубивме пред сè голем човек, денот кога изгубивме музичка легенда, денот кога го изгубивме нашиот Тоше.
Никој не сака уште еднаш да го преживее денот кој е обележан со црно. И по 7 години без него се чини како сè да беше вчера.
Како пред 10 дена да бевме на неговиот концерт или како во секој момент да се надеваме дека ќе слушнеме нешто ново.
Сепак, вистината е посурова. Неговиот живот остана приказна со скинати страници, празни, неиспишани.
Но, затоа остави вечни спомени, сеќавања, ноти и зборови со кои ги испишуваме нашите страници.
Искреноста, хуманоста и љубовта беа негови најголеми доблести и водилки во животот.
Потсетете се на 7 негови вечни цитати како спомен на 7-те поминати години без него:
1. Мојата публика за мене е најголема радост. За нив пеам и живеам и знам зошто ме сакаат. Затоа што никогаш не се штедам, дури и по цена да се онесвестам од замор после концертот. Апсолутно не се штедам кога е во прашање музиката и публиката. За моја среќа или нечија несреќа, јас и моите обожаватели дишеме како едно.
2. Без оглед на тоа што кажуваат дека скромноста е одлика на глупавите, не се согласувам. Скромноста е одлика на добрите.
3. Не сакам кога целта ги оправдува средствата, не сакам нечесни игри и не верувам дека во љубовта е дозволено сè како и во војната.
4. Не сакам да ми симнувате капа, само сакам да се гордеете со мене
5. Да имам голема моќ, макар и на кратко, би направил да исчезнат омразата и злото. Издржете и ставете го на испит својот карактер. Не се откажувајте за ништо.
6. Никогаш не би се одрекол од пријателите. Секогаш би бил тука за нив, и во добро и во зло. Во добро за да се радуваме на успесите, а во зло за да си помогнеме.
7. Сакајте се! Без разлика на тоа дали некој ве сака. Совршено е чувството да сакате некого, без оглед на тоа дали ви е возвратено. Вистинската љубов е онаа која ја дариш, а не очекуваш да ти биде возвратена.