Си простив. Простете си и вие!
Простете си и вие. За сите гревови, грешки, непромислени и намерни работи кои сте ги направиле со цел да ги повредете другите луѓе или самите себеси мислејќи дека само така ќе се чувствувате подобро.
Простете си и молете се да ви биде простено, бидејќи сè што сте направиле во минатото останува дел од вашето старо јас.
Нека вашето ново јас ги гледа грешките од минатото како лузни кои заздравиле и оставиле само блед белег на она што се случувало.
Доколку одлучите да си простите денес, овој текст ќе ве охрабри и ќе ви ја даде потребната поддршка.
Сфатив дека се имам себеси, засекогаш и никогаш нема да се напуштам. Звучи нарцисоидно, но не е така.
Сакав да доловам чувство кое ме прави посигурна, посамоуверена и најважно од се препуштена сама на себе.
Нема никој околу мене, покрај мене, до мене. Сите се зад мене.
Но, вака е повозбудливо. Постои простор за нови лица, нови размислувања, нови мани, нови недостатоци кои се прикриени, а јас треба да ги откријам. Нови души кои се изгубени, а јас треба да ги пронајдам, бидејќи старите ги повредив и изгубив, наместо да им простам и да ги држам во моја близина.
Да сама сум, без разлика колку ќе погрешам, каков грев или грешка ќе направам и како ќе се чувствувам секоја вечер кога ќе ја ставам главата на перница.
Никој нема да ме сака како што умеам да се сакам самата себеси.
Претходно често се отвараше празен простор во мојата душа од време на време, како досадна мува која не можев да ја избркам.
Помислував дека тој празен простор никогаш нема да исчезне.
Од големиот притисок на совеста посакував да си наштетам себеси само за да ги исплакнам гревовите, надевајќи се дека таму некаде ќе ми биде простено за се, но сфатив.
Гревовите ќе бидат обвиени во пламени јазици кои постојано ќе ми ја горат душата, сè додека таа не стане пепел.
Моите страдања никогаш нема да завршат, а знаете ли зошто? Затоа што таму некаде се наоѓа вечноста, а на вечноста кој знае каде и е крајот...
Сега тој празен простор не се појавува повеќе. Исполнет е со љубовта која ја чувствувам кон себе и кон другите луѓе.
Не се чувствувајте депресивно, глупаво, грешно, изгубено. Пронајдете се себеси запознавајќи ја својата душа и сакајте се такви какви што сте, а не какви што сте биле.
На тој начин тие крадци на позитивната енергија ќе ве напуштат и ќе заминат кај некој друг, а вие ќе бидете кралови на вашата позитивна енергија која никој нема да може да ви ја украде повторно, доколу самите не одлучите да ја споделите по своја волја.
Само така ќе уживате во вечноста, таму некаде...