Која жена е убава?
Рекле, за вкусовите не се дискутира. Зошто тогаш илјадници страници кои објаснуваат во што е убавината на жената, зошто по дифолт убавата, речиси совршена жена треба да му се допадне секому? Во што е убавината на една жена и која е машката дефиниција за убава жена? И има ли универзална?
Некаде прочитав дека убавата жена е за човек без фантазија. И пак се запрашав зошто? Веројатно, авторот мисли на онаа надворешната убавина која можеш да ја допреш, но не и да ја почувствуваш. Убавината на една жена е внатре во неа, без разлика на бојата на очите, проѕирноста на тенот, нијансата на косата, телесната градба или бројот на килограми. Жена со убава душа има и убави очи и насмевка.
Убава жена е онаа која ќе ти се јави во ситните саати (без разлика на тоа каков и бил денот) само за да ти каже дека твојот глас е прекрасна приспивна песна.
Убава е таа која те гушка силно, разговара со тебе и те теши, иако нејзиниот свет се дели на мали парчиња.
Убава жена е онаа која наоѓа начин како да ги истолерира сите твои „оправдани“ седенки со пријателите до доцна во ноќта.
Убава е и онаа која станува десет минути пред тебе за да ти направи утринско кафе. Па, ти се враќа во креветот со идеалната доза на шеќер, кафе и страст.
Убава е жената која ти купува чоколадо секогаш кога ќе излезете на кафе. Оти кафето и чоколадото се супер пар, како и ти со убавата жена.
Убава е онаа за која ќе посакаш да изградиш нешто поголемо и од Таџ Махал. Па, на крај, сфаќаш дека единственото нешто кое сакаш да го иградиш за и со неа е дом.
Убава е таа чија насмевка лекува рани и чии раце ти подготвуваат супа додека се жалиш на мала сезонска настинка.
Убава е онаа која танцува со тебе се до изгрејсонце, иако утрото треба да оди на работа.
Убава е и онаа која траги од ноктите ќе ти остави на грбот, обележувајќи ја својата љубовна територија.
Убава жена е таа која пее додека готви. Онаа што пее и кога пегла, биди сигурен дека е вљубена. Бескрајно вљубена во сопственикот на кошулите.
Убава е онаа која купува чипка само за твоите очи и пониски штикли само за да бидете со еднаква висина.
Онаа која половина час си ги исцртува усните и става кармин, иако е свесна дека за помалку од минута ќе и го уништиш.
Убава е таа чиј глас те смирува, додека се друго те вознемирува. Таа која те потсетува на спокој. Таа која се грижи за твоето милениче повеќе од нејзиното. Таа која поминува еднакво време и со нејзините и со твоите внучиња.
Убава е жената во чии очи ќе ги видиш очите на Вашата ќерка.
И како да се зачува една убава жена? Премногу едноставно, со бескрајно многу љубов, почит и нежност!
Автор: Маја Кузмановска
Фото: Зоран Филиповиќ