Заљуби се во момче кое патува
Состанувај се со момче кое патува. Заљуби се во момче кое повеќе ја сака неонската алка од последниот летен одмор, отколку златниот Ролекс. Заљуби се во момче чие срце потскокнува на зборовите одмор, авантура, ресорт...
Можеби ќе го пронајдеш на аеродром или во агенција за патување, но не е важно. Ќе го забележиш по егзотичната позадина на мобилниот телефон, по профил сликата на Фејсбук од последното патување низ светот, по секое „ни недостигаш“ од милионските пријатели по социјалните мрежи.
Кога конечно ќе се сретнете, почести го пиво. Нарачај му го омиленото, од брендот кој го носи испечатен на маицата под карираната кошула.
Слушај го внимателно. Дозволи му буквално да ти го раскаже светот, визуелно да ти ја преслика секоја плажа која ја посетил, секое пусто островче на кое се нашол.
Продолжи да се состануваш со момчето кое патува. Откривај му нови авантури и места од кои срцето буквално ќе му потскокне.
Со него ќе научиш што е возбуда, што е адреналин, што значи да живееш во моментот - сега и тука.
Ќе почувствуваш страст каква си мислела дека не постои. Ќе го пропатуваш целиот свет низ неговите очи, ќе го доживееш секој егзотичен мирис кој тој некогаш го почувствувал.
Не се плаши да се заљубиш во момче кое патува. Само тој знае дека за среќа не е потребно многу - лесен багаж и билет во еден правец!
Момчето кое патува ја цени вредноста на домот, комфорот и поддршката.
Колку и да ти се чини независен и тежок за следење, тој секогаш ќе го цени значењето на секое ваше „до видување.“
Тој ја знае вистинската вредност на „ми недостигаш“ и само тој ќе разбере кога неговото присуство ти е неопходно.
Но, никогаш не го уценувај, задржувај, менувај. Остави го да ги оствари своите соништа и дозволи му да ти ги отвори очите за да сфатиш за што ти сонуваш.
А, ако сè уште не си го пронашла момчето кое патува - патувај! Уште денес!
Реализирај ги сите твои соништа и пронајди ја сродната душа која го прави истото. Само тогаш ќе разбереш колкаво задоволство може да ти донесе животот.