Сеќавања - детството на село, топло и безгрижно!
Нема ништо попријатно од летните и зимски денови поминати на село, кај баба и дедо. Се сеќавате на оние моменти кога немавте трпение мајка ви да ви го спакува куферот, да ве испрати таму каде сите забрани завршуваат и започнува безгрижното секојдневие, со топли мекици и домашни напитоци?
Трчавме боси, се криевме по напуштените тавани, поминувавме километри пешки, крадевме од сливите на комшиите, се прибиравме во темници гладни и жедни, а баба нè чекаше со топла, тазе пита.
Утредента дедо ќе нè разбудеше со шушкањето на весникот и веќе знаевме - пред нас е нов, исполнет и безгрижен ден!
Низ цело село имаше фурни за леб од кои доцна навечер и рано наутро се ширеше неверојатна арома на штотуку испечено лепче. Да, никој никогаш нема да го заборави тој мирис. Дури и сега го чувствувате, иако не го мирисате.
Нема да ги заборавиме и свежите домати и тазе овчото сиренце. Мирисот на сушени билки и липа, попарата од чај со сиренце, пресното млеко рано наутро...
А, кога ќе дојдеше зима и сè ќе побелеше, печката на дрва создаваше еден чуден портокалов отсјај во собата и звук кој до ден денес го слушаме - пуцкетање на сувите дрва кои тивко горат. Сè беше како зимска бајка!
Сигурни сме дека се почувствувавте како да ја раскажуваме вашата омилена приказна од детството, па затоа решивме за момент да ве вратиме на село, кај баба и дедо.
Потсетете се на безгрижното време кога железните кревети, печката на дрва и домашните сапуни беа ваше топло секојдневие...