Поучна приказна: Пријателството на тест низ три сита
Во стара Грција, Сократ бил познат по тоа што многу го ценел знаењето. Еден ден познатиот филозоф сретнал познаник кој му рекол:
- Знаеш ли што слушнав за твојот пријател?
- Само момент - го запрел Сократ - Пред да ми кажеш што било, би сакал да направиш мал тест. Името му е „Тест низ три сита.“
- Тест низ три сита?
- Така е, продолжил Сократ, пред да ми зборуваш за мојот пријател, можеби би било добро да размислиш за тоа што сакаш да ми го кажеш и да ги поминеш твоите зборови низ три сита.
- Првото сито е ситото на вистината. Дали си сигурен дека тоа што сакаш да ми го кажеш е вистина?
- Не - одговорил човекот, всушност сега слушнав и...
- Во ред е, рекол Сократ, значи не знаеш сигурно дали е тоа вистина или не. Да пробаме со второто сито. Ситото на доброто. Сакаш ли да ми кажеш нешто добро за мојот пријател?
- Не, баш напротив...
- Значи така, продолжил Сократ, сакаш да ми кажеш нешто лошо за него, но не знаеш дали е тоа вистина. Но, сè уште можеш да направиш тест, на располагање ти е уште едно сито. Ситото на употребливост. Дали ќе ми користи тоа што сакаш да ми го кажеш за мојот пријател?
- Па, не...
- Значи, заклучил Сократ, доколку сакаш да ми кажеш нешто што не знаеш дали е вистина, не е добро ниту корисно, тогаш зошто воопшто треба да ми го кажеш?
Следен пат кога ќе имате некоја приказна за споделување, потрудете се да го направите овојкраток тест. Нема да ве чини многу време, но може да ви помогне да ги сочувате добрината и угледот.