Поучна приказна – две вреќи
Една древна легенда зборува за тројца мажи кои носеле по две вреќи со себе. Но, товарот не го чувствувале подеднакво. Вреќите им биле едната напред, а другата одзади, висејќи на дрвен стап кој го држеле на рамото.
Го запрашале првиот човек што има во вреќите.
Тој одговорил: „Сите мои успеси, сите добри дела на моите пријатели, сите животни радости, ги носам во вреќата одзади. Тие се сокриени од погледите, завршени, покриени со лисја, за да не пречат многу. Во вреќата што ја носам напред се сите лоши работи кои ми се случиле. Одам, застанувам често, ги вадам, ги набљудувам, ги проучувам, се мислам што да направам. Постојано сум со нив и во мислите и со чувствата. Постојано работам на нив.“
Тој човек постојано застанувал, гледал наназад, се мачел, малку и бавно напредувал.
И на вториот човек му го поставиле истото прашање.
Тој рекол: „Во вреќата што ја носам напред ги носам моите драги дела и сознанијата за доблестите. Често пати ги гледам, ги вадам и им ги покажувам на другите. Вреќата што ја носам на грбот ги содржи моите грешки и моите слабости. Ги носам насекаде со мене бидејќи се мои и не можам туку така да ги оставам. Ме забавуваат, понекогаш се многу тешки“
Третиот човек запрашан за истото прашање одговорил:
„На предната вреќа го напишав зборот „добрина“. Преполна е со позитивни мисли, добри човечки дела, сите добри работи што сум ги имал и што сум ги направил во животот, мислите за мојата сила. Таа вреќа не е тешка. Напротив, како бродски едра, ми помага да се движам нанапред. Вреќата на грбот носи натпис „лоши сеќавања“ и е празна затоа што и го исеков дното. За се што ми се случило лошо, за лошите мисли кои понекогаш ги имам, за злото кое го слушам од другите, малку размислувам и ги фрлам во таа вреќа. Низ дупката на дното нив ги снемува засекогаш. Јас сум слободен. Јас немам товар кој би ме забавувал во движењето нанапред.
Поуката донесете ја самите!