Излегувањето во град на 18 vs. 28 години
Со 28 години се уште сум во цутот на младоста, сакам да излегувам и да се дружам и далеку од тоа дека се чувствувам остарено... Но, забавувањето и излегувањето на 18 и 28 годишна возраст има голема разлика и тоа верувам дека сте го согледале барем еднаш до сега...
...Понекогаш едноставно заборавам дека времето поминало.
Кога имав 18 години секое мое излегување завршуваше најрано во 4 наутро без разлика на се’. И немаше ништо чудно во тоа. Мотото на вечерта беше: Не си одам дома додека не ги затворам сите кафани. И имав енергија за бескрајно забавување. И не бев уморна...Дури и да бев...се наоѓаше начин да останам на нозе.
Порано пиев се’ и сешто. Што има, ќе се пие. Вечерта почнуваше кај некој дома со какво и да е вино, ако имаше некој паричка повеќе ќе се почaстевме по неколку текили, а секако во текот на вечерта ќе консумиравме и по неколку сечени пијалоци. Многу нормално завршував добро напиена и враќањето дома беше авантура со цик-цак чекори и обиди за пронаоѓање на клучалката. Понекогаш доволно беше само да ги собујам чевлите и легнување во кревет веднаш сосе сите партали на тебе – јакна, фармерки, шминки, ташна...
За видно чудо- наредното утро речиси како нова. Можеби имаше мала главоболка, но и тоа не беше важно затоа што можев да си дозволам да го поминам денот во кревет или пак со едно туширање да се кренам на нозе и да смислувам каде ќе пиеме вечерта повторно. И така неколку денови по ред. Без проблем. Без мака. Со многу енергија.
Сега приказната е малку поразлична. Консумирањето на алкохолот станува свесна одлука и честопати добро промислена. Со текот на годините се нашол еден-два пијалоци кои добро ги поднесувам и сега играм на сигурно. Се враќам дома во некое пристојно време како би имала можност убаво да се наспијам и следниот ден да функционирам на работа и воопшто да можам да истуркам некако.
Но, ете ги другаркиве од средно. Оп, се организираме за искачанка во четврток.
Пиење, лудување и многу играње. Сум се вратила дома нешто по 3 часот утрото. Легнувањето веднаш е исклучено бидејќи вадењето на шминка и ставање на куп креми е нешто што задолжително е потребно за мојата кожа. Задолжително пиење на повеќе неопходни витамини и сместување на големо шише со вода покрај креветот, Задолжително облекување на удобните пижами. Веќе спиењето е сведено на 3 часа. Станувањето за на работа е проследено со неподнослив звук во ушите, главата ја чувствувам 10 пати потешка, а телото дури душата ми се тресе. Буквално мислам дека ќе паднам болна. Со тешки маки веќе сум се извлекла од креветот и со напор се обидувам да ги покријам подочниците и да заличам на човек.
Стигнувам на работа и сфаќам дека едноставно мозокот не ми работи. Едвај чекам да си дојдам дома и да си легнам да спијам. И тогаш си викам: Немам веќе 18 години, животот се сменил, па ќе мора и навиките да се менуваат. Веќе не пијам и не останувам до доцна.
Сè додека другарките од средно не се јават повторно...
Јасна