Мојот прв училишен ден
„Ех, зошто во наше време 1-ви септември никогаш не се паѓаше во сабота“ – ми се врти цел викенд во глава.
Секоја година на овој ден на кратко, низ мислите се навраќам на мојот прв училишен ден. Ех, звучи малку страшно кога можеш да кажеш „беше тоа пред ни помалку ни повеќе – цели 20 години!“
Како вчера ја памтам возбуденоста утрото кога се разбудив и чекав мајка ми да ме дотера во тазе испегланото бело кошулче и сукња со цветчиња и многу, многу потсукњи. Лакованите кондури беа неизбежни во комбинација со кратки бели чорапчиња и косичка во плетенка со многу шноли.
Мојот 1-ви септември во тогашно „Браќа Рибар“ беше убав сончев ден. Детскиот џагор во училишниот двор преполн со првачиња се слушаше во пошироката околина. Еден куп насмеани, возбудени лица, изгубени и збунети дечиња се редеа во редици, а пред нив новите учителки читаа кое детенце е во кое одделение. Моето прво Б имаше сини машнички за препознатливост.
Малку подисплашено сите ги бараа родителите наоколу кои видно возбудени се радуваа за новиот чекор на своето дете. Не познавав никого, а и не бев единствена. Едно насмеано девојченце ме грабна за рака и двете заедно се упативме кон свечената сала каде не очекуваше приредба од повозрасните деца за првиот училишен ден.
Во свечената сала ечеше химната на училиштето од хорот, клавирот на наставникот Јордан, шарени фустанчиња на децата на бината...
Се качивме во училниците каде ги поминавме наредните 4 години. Двајца по двајца, влегувавме и си фаќавме место во клупите. Тогаш сите се тепавме кој да седи во предните 3, сите се боревме за вниманието на учителките. Првиот училишен ден траеше кратко, со целата возбуда изгледаше уште пократок.
Како поминуваа деновите, растеа пријателствата, се редеа спомените...
Сигурно сите се сеќавате на задолжителните ужинки кои дежурните ученици ги носеа во леген на голем одмор, на металните чинии во кои јадевме доручек и ручек, на првите единици во дневникот, на турканиците на влезната врата кој прв да излезе на одмор, на уживањето додека баравте сунѓер во соседните училници и губевте по некоја минута од часот и кога го враќавте назад, на ташните кои ни тежеа и ни го искривија грбот, купот од учебници, тетратки, миризливи гуми и моливчиња со мини на менување...
Се редеа петки, тројки, двојки, се менуваа наставнички, растевме во школските клупи, паѓавме во школскиот двор и се шетавме со крвави коленици, се искраднувавме да купиме сладолед замрзната вода од „Риело“, скришно грицкавме сончоглед под клупа, се бркавме, заљубувавме, одевме на зимување и ги правевме првите глупости...
Убави спомени. Моите училишни денови завршија. Но, ќе ги памтам уште долго.
Драги деца, уживајте во училишните клупи, овие денови никогаш повеќе нема да се вратат назад...
Какви се вашите спомени од првиот училишен ден?
Автор: Е.П. | Црнобело