Како да препознаеш пензионер во земјава?
Пензионерите се категорија на луѓе во поодминати години кои веќе го завршиле својот циклус на работа кон општеството и државата, па поради тоа...
...се стекнуваат со статус пензионер.
Во суштина, пензионерите се обично тие кои имаат информација за се во својата околина. Тие знаат кој со што се занимава, кој кога излегува од дома, кога се враќа, колку е некој културен и фин, колку не е, кој со кого е во врска, кој/а на кого му е швалер/ка, кој лаже, кој краде, кој се запишува во продавница, кој чесно заработува... знаат скоро се.
Дури ако по некоја случајност во вашето маало има свадба и не знаете чија е таа свадба, прашајте било кој пензионер од кај вас и ќе ви каже не само чија е, туку и кој од каде потекнува и каков муабет за нив се слуша.
Толку многу се информирани што може да се наречат „македонскиот гугл“.
Пензионерите ги среќаваме секојдневно, но со цел полесно да ги препознаете, одвоив неколку нивни карактеристики:
1. Доколку видите некој како се качува во автобус само во вторник и петок, големи се шансите тој/таа да е пензионер.
2. Доколку некој уште на самото влегување во автобус извикува „Ајде кој ќе ми стане да седнам!“, големи се шансите тој/таа да е пензионер.
3. Доколку некој носи повеќе ќеси со себе во автобус отколку што има раце, големи се шансите тој/таа да е пензионер.
4. Доколку до тебе седне некој кој одма те распрашува кој си, од кај си, дали учиш или работиш, дали си женет/мажена, големи се шансите тој/таа да е пензионер и да има немажена внука или неженет внук, па сака да ве спои. Со други зборови те има бендисано.
5. Доколку видиш како некој стои пред излезната врата од автобусот и не се мрда од неа и го има грабнато држачот како од дома да го донел, големи се шансите тој/таа да е пензионер.
6. Доколку сретнеш некој да бара леб во продавница, уште пред лебот и да пристигне, големи се шансите тој/таа да е пензионер.
7. Доколку видиш голема редица пред банка уште во 8 саат сабајле, а банката отвара од 9, голема е шансата таа редица да е пензионерска и тој ден да се дава пензија.
8. Доколку начекаш поголема група луѓе во чекалната во амбуланта на кои темата на муабет им е крвен притисок, голема е шансата таа група да е пензионерска.
9. Доколку приметиш дека некој не се брза да излезе од амбулантата, иако веќе прегледот му поминал, и си прави муабет со сите вработени, големи се шансите тој/таа да е пензионер.
10. Доколку приметиш како некои двајца прават муабет на тема „ех во наше време“, големи се шансите тие да се пензионери.
Ова се главните 10 карактеристики на категоријата „пензионер“ кои се надевам дека ќе ви помогнат полесно да ги препознаете кога ќе ги сретнете, бидејќи во суштина пензионерите се фина група на луѓе која само сака да си го исполни денот и да и се обрне барем малку внимание.
Горан Ман
Авторот еден ден најверојатно ќе стане пензионер