Во автобус од Скопје до Милано патував со жена на која сè ѝ пречеше и само се бунеше - Зошто не е убаво да си „Славица“?
На почеток да појаснам која е „Славица“ (ако не знаете) - тоа е секоја жена на која сè нешто ѝ пречи, која мора да е секогаш во право, која се турка преку ред, секогаш има нешто да праша, ништо не ѝ чини, која им оди контра на сите само за работите да не бидат по нивно (дури и кога знае дека греши).
Неодамна бев на патување со автобус до Италија. Ќе си речете многу, по околу 20 часа во еден правец од Скопје до Милано.
Но, да бидам искрена, тоа не ми пречеше, патот дури и да не го осетив. Она што малку ми пречеше беше жена на околу 60-ина години, којашто седеше пред мене.
Нејзиното име и идентитет нема да ги откријам, но „популарно“ кај нас би ја нарекле „Славица“, „Жане“ или „Светле“.
На почеток, да појаснам која (или што) е „Славица“ - тоа е секоја жена на која сè нешто ѝ пречи, која мора да е секогаш во право, која се турка преку ред, која секогаш има нешто да праша, која им оди контра на сите само за работите да не бидат по нивно (дури и кога знае дека греши).
Дека патувам со незадоволна жена која знае буквално сè за сè ми беше јасно уште после македонско-српската граница.
Не бевме стигнати ни до Врање, а таа почна да му се жали на сопругот:
„Многу е спор шоферов. Ни 90 не вози. Ти текнува Аце кога нè возеше? Под 150 не спушташе. Да нè возеше Аце веќе ќе бевме во Белград. Не, не, не го бива“.
Истиот муабет го слушнав неколкупати.
Ѝ пречеше што на секои 3 часа се правеа паузи. Се бунеше и ако наместо после 3 часа, правевме пауза после 4 часа.
Де ѝ беа многу паузи, де многу брзо завршила паузата, а таа не стигнала да ги „размрда нозете“.
Кога конечно стигнавме во Милано, пред да излеземе од автобусот за да го разгледаме градот, нејзиното прво прашање беше „кога ќе се чекираме во хотел“ бидејќи била изморена (ако во програмата јасно пишуваше дека прво ќе шетаме низ градот, а дури потоа одиме во хотел).
„Во 7 кај автобусот? Па многу е тоа, ајде да се прибереме, да се испружиме во кревет“ - вели на цел глас незадоволна, иако 80% од патниците беа млади луѓе кои сакаат и да прошетаат и да разгледаат колку што може повеќе.
Инаку, жената и сопругот патуваа со пријатели. Па кога во 7 сите почнавме да се прибираме во автобус таа луто му вели на сопругот:
„Ќе му кажам после насамо на водичот. Срамота е тоа што го направи“.
Но, не издржа, па кога човекот почна да пребројува дали е цела група стигната, му се развика пред сите:
„Треба да ти е срам. Брзаш, трчаш, еднаш не се заврте да видиш дали доаѓаме по тебе. Ќе се јавам во агенцијата да се пожалам на тебе“.
Тоа што почна како кавга со водичот, продолжи со пријателите.
„Какви пријатели сте вие? Нè оставивте сами на среде улица, го фати маж ми грч во ногата, не можеше да оди.
Можеше и да умре, ама вас ви е гајле, се одвоивте, си избегавте“.
Луѓето најотворено ѝ кажаа дека се одвоиле од нив бидејќи таа почнала да се кара со сопругот и на нив им било непријатно да им ја слушаат караницата.
„Аха, ете, признавате, намерно избегавте“, беше нејзиниот одговор.
Не му дозволи ни на сопругот да се разбере со другарот - го прекинуваше на секој збор, викаше по пријателите и налутено се сврте на другата страна за да не ги гледа.
Кога стигнавме во хотелот, пријателот се понуди да им помогне со куферите, ама и тогаш го „искара“.
„Моја торба да не си фатил, сами ќе си ги носиме“ - му рече.
За среќа, до следниот ден се смирија, па пак шетаа заедно насмеани.
Турата во Милано вклучуваше и посета на Комо и крстарење по езерото.
Иако влезе меѓу првите на бротчето и сама избра каде ќе седи, не помина долго пред да почне со коментари дека местото ѝ е лошо и ништо не гледа.
Ништо подобра не беше ни кога стигнавме во Верона следниот ден.
Додека сите од групата чекаа ред да влезат во куќата на Јулија, таа се истурка пред сите во редот, во кој имаше преку 500 луѓе сигурно.
Ја видовме како се враќа, насмеана, и додека проаѓаше покрај нас искоментира: „Да бе, она ќе ми кажува на мене дека не може да се сликам, ха, ха, ха. Ред да не треба да чекам?“
Остатокот од патувањето беше генерално мирна. Неколкупати се скара со сопругот, еднаш на каса во маркетот на една пумпа проба да „влета“ од другата страна, ама касиерката ѝ го покажа редот.
Незадоволна си излезе: „Не ти чекам јас ред, свашта“.
Кога стигнавме во Скопје, пред да излезам од автобусот, сакав да му ја стегнам раката на сопругот на жената, да го пофалам за издржливоста.
Не сакам да судам, ама сигурно не е лесно да се живее со некој што секогаш мора да е главен и во право.
Затоа - не биди Славица, никогаш и никаде!
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





