Елена Стојановска за CRNOBELO лексикон: „Сите велат дека личам на Снежана“
- Детали
- петок, 24 јануари 2025
„Пред многу години сестра ми почна да ме вика Фросе, па и ден денес дома некој знае да ме повика по тоа име“ - напиша познатата телевизиска и радио водителка, Елена Стојановска - Јанковска во лексиконот на CRNOBELO.com.
Елена Стојановска - Јанковска целиот свој живот е во медиумите - и како телевизиски и како радио водител.
Но, оваа 44-годишна скопјанка вели дека најголемата желба во детството ѝ била да стане писателка на романи.
Елена признава дека не може веднаш да погоди која страна е лева, а која десна и ѝ треба малку време да се одлучи, но, вели дека се надева оти никој не ја забележува оваа нејзина маана.
Познатата водителка се потпиша во нашиот лексикон:
1. Како се викаш и дали имаш прекар?
Елена, имам прекар што го знаат само моите дома - пред многу години сестра ми почна да ме вика Фросе, па така до ден денес дома некој знае по тоа име да ме повика.
2. Колку години имаш и што си во хороскоп?
04.10.1980 (44 години), Вага.
3. Која ти е омилена песна? А пејач и пејачка?
Омилена песна ми е If I Can’t Have You од Yvonne Elliman. Песната е дел од саундтракот на филмот Saturday Night Fever. Пејач/пејачка- немам!
4. А омилена книга?
„Љубовникот“ од Маргарит Дирас.
5. Омилен глумец, глумица, филм, серија?
Глумец и глумица немам.
Едно лето со другарките секој ден го гледавме на VHS касета - Top Gun, па фер е да го спомнам, а исто така и серијата, Sex and The City. Од поново време серијата The White Lotus.
6. Имаш ли омилен спорт, клуб, спортист? За кого навиваш?
Не следам спорт, за жал и не спортувам.
7. Имаш ли милениче? Како се вика?
Немам. Имав две желки, кои пораснаа толку многу, што моравме да ги вдомиме во ветеринарното училиште „Браќа Миладиновци“ и од срце им благодарам.
8. Која е најчудната/најсмешната порака што си ја добила на Инстаграм?
Ах, има од сè по нешто. Не можам да издвојам!
9. Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш?
Писателка на романи.
10. Кој ти е омилениот пијалак? А храна?
Џин-тоник и бело вино. Сакам секаква храна, освен месо. Веќе неколку години не јадам месо, не дека сум некој заколнат вегетаријанец, но мојот организам го отсака.
11. Кој ти е најдобар другар/ка? Колку долго се дружите?
Биба Т. Се дружиме од 8 години, сега ми е старосватица и уште сме си посветени една на друга.
12. Каков ученик беше? Кој ти беше омилен предмет?
Одличен ученик и бубалица. Предмет - Македонски јазик и книжевност.
13. Кој ти е идол (а да не е позната личност)?
Мајка ми, секогаш посветена на мене и на сестра ми. Наша најголема поддршка.
14. Кога би можела да си лик од цртаните, кој лик би сакала да бидеш?
Сите велат дека личам јас на Снежана (само да се има принц сум уште малечка).
15. Кои ти беа најомилени игри во детството?
Пред зграда џамија и народна, а во школски двор во „Браќа Рибар“, на секој одмор - грабни стапче.