Некогаш на учителките им носевме каранфили, денес ваучери за шопинг: Дали претеруваме за 8 Март?
„Кога бев во основно, немаше натпревар кој ќе ѝ купи поубав или поскап подарок на учителката. Носевме каранфили завиткани во проѕирен целофан, а со цвеќето одеше и по некоја рачно изработена честитка, „навезена“ со детски ракопис и порака“.
Денот на жената отсекогаш ми бил асоцијација на две важни жени во животот: мајка ми и мојата учителка, и тоа онаа првата, Стефка, што до четврто одделение ми ја даде основата во образованието, а ме научи и за многу вредности во животот.
Токму затоа, не само јас, туку и сите нејзини ученици, секогаш се трудевме да ѝ покажеме колку ја сакаме и почитуваме, дури и откако отидовме во погорните одделенија и не ја гледавме секој ден.
Па, кога ќе дојдеше крајот на учебната година или 8 Март, со некоја ситница, знаевме да ја изненадиме, да ѝ „упаднеме“ во училницата, да ја изгушкаме и да си отидеме.
Таа, пак, нѐ гледаше со насолзени очи, бидејќи ѝ бевме претпоследната генерација пред да се пензионира и не пропушташе да ни каже колку се гордее со нас.
Се сеќавам, во тоа време немаше натпревар кој ќе ѝ купи поубав или поскап подарок. Скоро сите носевме каранфили завиткани во проѕирен целофан, врзани со обична црвена или розова панделка.
Многу често со цвеќето одеше и по некоја рачно направена честитка, „навезена“ со детски ракопис и порака колку многу ни значи.
Ќе се наредевме во колона, па еден по еден ѝ го дававме цвеќето, па не можеше да се однесе дома од букети.
Таа, пак, тие денови ни помагаше да им направиме честитки на мајките, ни даваше идеи, носеше секакви реквизити од дома - лепенки, светки, волница, хартија во боја...
Мајка ми уште чува некои од тие честитки, па понекогаш знае да ѝ ги покаже и на внука ми и да се пофали со „ремек-делата“ што ги правевме сестра ми и јас во основно.
Се сеќавам на тие денови и не можам, а да не ги споредам со овие сега. Знам дека времињата се поинакви, но денес 8 Март како сосема да ја изгуби поентата, барем во однос на подароците.
Родителите на моменти како да се натпреваруваат меѓу себе кој ќе купи поскап подарок за учителките, бидејќи цвеќето како веќе да не е доволно добро за нив. Па се избира нешто големо. И скапо. Симболичните подароци како да се без вредност.
За жал, денес има и учителки кои како да се навредени ако не им се допадне подарокот.
Ете, пред некоја година, родителите на учителката на внука ми ѝ купија паричник од „Мона“ и марама. Само, таа не ја бендисала бојата на паричникот, па ѝ ја дадоа фискалната сметка за да го замени.
Лани, и синот на една моја другарка се засрамил, кога скоро сите деца ѝ донеле и цвеќе на учителката, иако веќе собрале пари од цело одделение и ѝ купиле подарок.
Групите на вибер се „вжештуваат“ овие денови (не дека престанале да „титкаат“ во другите денови), а родителите наголемо дебатираат што да се купи и по колку пари да се соберат.
„Дали се 300 денари од дете доволно? Или можеби треба по 500? 200 се, секако, малку. Кој да оди по подарокот?
А, да ѝ купиме накит на учителката? Или некој скап парфем и букет со 9 рози? Или да бидат 11?“ се само дел од прашањата.
На крајот договорот падна за ваучер за шопинг во еден наш мол, оти повеќето сметаа дека било наједноставно. А и нема шанса да се згреши при изборот.
Додека го пишувам ова, не можам, а да не се запрашам - дали можеби сепак претеруваме (барем малку)?
П.С. Однапред им се извинувам на сите учителки на кои им открив што ќе добијат за 8 Март.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело