Чудотворни места во Македонија за жени кои не можат да забременат - Сливничкиот манастир, „трудното дрво“ во Бањани
Многу легенди, митови и вистински приказни се раскажуваат и пренесуваат од колено на колено за постоењето на места кои со својата света моќ го кријат спасот на многу жени кои не можат да имаат деца. И на македонска територија има многу вакви места, за кои се верува и се раскажува дека донеле среќа на многу жени и семејства кои со години не можеле да имаат деца. Прочитајте за 3 такви места во нашата држава...
Посетата на овие свети и чудотворни места заедно со вербата биле доволни за да им се исполни долгогодишната и најпосакувата желба, да забременат и да станат мајки.
Желбата и сонот да се биде мајка, да се роди свое чедо, не секогаш се исполнуваат поради сплет на околности и здравствени проблеми, па кога науката и медицината не можат да помогнат, тогаш вербата во чуда, света вода и моќта на светците е сè посилна и посилна.
Патот кон мајчинството за многу жени е бодликав, тежок и полн со пречки, но и покрај трњата од кои боли и душата и срцето, многу жени, водени од вербата во чуда својот спас го бараат во светите места.
Некои од овие места имаат вода со исцелителна сила, други пак мошти на светци кои лекуваат и ветуваат потомство, во трети пак се изведуваат ритуали за исполнување на желби и има икони со света моќ.
Македонската историја и црковна ризница се богати со приказни за постоењето на вакви свети места, некои цврсто повразни со светци, а други пак се само легенди за места со чудотворна моќ.
Светата и лековита вода во Сливничкиот манастир
Во падините на планината Баба на брегот на Преспанското Езеро е вгнезден Сливничкиот манастир, за кој со децении се раскажува за моќното дејство на светата вода која излекувала многу болни и на многу жени им дарила деца.
Манастирот е сместен во близина на селото Сливница од каде и го носи името, а во неговиот комплекс е сместена и црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ посветана на Богородица.
Овој преубав манастирски комплекс почнал да се гради во далечната 1607 година, на место каде некогаш имало густа борова шума, но која изгорела во пожар.
Во дворот на овој манастир, стар повеќе од четири века, постои чешма со света и лековита вода. Преспанци раскажуваат дека водата која извира од под манастирската црква лечи од болести и помага за пород.
Една од приказните раскажува за семесјтво од Прилеп, кои по десет години брак не можеле да добијат свое потомство. Откако дошле во манастирот, жената се напила од водата и веќе следната година се вратила и раскажала дека добила син.
Моќта на светата вода и вербата во Богородица ѝ помогнале да стане мајка.
Локалците од околните преспански села раскажуваат за чудотворната моќ на овој манастир посветен на Богородица, а веруваат дека лековитата вода својата сила ја црпи токму од оваа светица.
„Трудното дрво“ во селото Бањани е спас за неплодните жени
На падините на Скопска Црна Гора, во дворот на манастирот „Света Богородица“ се наоѓа необично дрво, познато како „трудно дрво“ поради својата форма за која се раскажува дека има чудотворна моќ за неплодни жени.
Според приказната која се раскажува за ова чудно, но моќно дрво, сè почнало кога непознат маж дошол во манастирот и на чуварот му рекол дека има бремена жена во дворот.
Во тој момент, чуварот не му поверувал на зборовите, бидејќи тоа сепак било машки манастир и немало ниту една жена во него. Но, по инсистирање на непознатиот маж, почнал да го разгледува дворот.
Тогаш го виделе дрвото, кое со својот необичен израсток наликувало на бремена жена, па затоа и го нарекле „трудно дрво“.
Според зборовите на човекот кој го сонувал ова дрво, тоа имало чудотворна моќ за жените кои не можеле да имаат деца. Затоа, побарал дрвото да се покрие, и да се означи со крст и икона.