Баба Цвета (86) од с. Цапари за CRNOBELO: „Порано, кога одевме по вода, беше голем срам ако те видат како зборуваш со некој ерген“
„На времето при додворување момчето ќе најдеше најчесто човек по кој ќе пратеше писмо, оревчиња или јаболчиња за да му ги однесе на некое девојче како поздрав. Преку најдобрата другарка ќе се договоревме на кое место ќе се најдеме и во колку часот, се навраќа во минатото баба Цвета (86) од село Цапари - битолско за CRNOBELO.com и споделува како некогаш се искажувала љубовта и симпатиите.
Седнале две жени сосетки на кафе. Отсекогаш сакале да ѕирнат во талогот на испиеното кафе, како нивната судбина да им е таму.
Леле озборување, ги извртеа сите роднини и соседи, па дојде ред да си ги отворат срцата. Немало за што, па ги ставиле на тапет своите мажи и судбината која им приредила многу доживувања.
Едната беше повоздржана, но другата позборлеста. Но, во едно и двете се согласија – „Моминството е везирство, среќа и слобода."
И во друго се согласија - „Мажачката ти е како игра на среќа – купи лоз, оди бос."
Сеќавајќи се на времето кога биле млади, раскажуваат за едно време многу поразлично од денес. За времето каде на момите не им било дозволено да бидат со она момче во кое се вљубиле. Туку биле поданици на адетите и обичаите.
Баба Цвета (86) од село Цапари – битолско за CRNOBELO.com раскажува за тоа како било да се вљубиш во тоа време.
На прашањето зошто нејзиниот татко не ја давал на момчето кое највеќе го сакала таа ни одговори:
„Момчето што го загледував имаше многу браќа, тогаш се бараше да имаат убава куќа, стока, ниви. Иако момчето ме викаше кај него, јас не отидов бидејќи мојот татко не дозволуваше.
Ако не тие речено, друг ќе си земеш, така било отсекогаш".
За тоа дали ѝ дозволуваа на момата да застане со момче на патот, таа ќе каже:
„Не, нема да му кажеш ни добар ден, ни од каде си, ни за што си. Исто како да не го познаваш. Тоа беше такво време.
Кога одевме на вода гледавме надолу со главите наведнати, бидејќи беше голем срам доколку те видат како разговараш со некој ерген."
Љубовта кон симпатијата ја искажувале на многу интересен начин:
„Момчето ќе најдеше најчесто човек по кој ќе пратеше писмо, оревчиња или јаболчиња за да му ги однесе на некое девојче како поздрав.
Преку најдобрата другарка ќе се договоревме на кое место ќе се најдеме и во колку часот."
Баба Цвета нè потсети на познатата народна изрека: „Женско кога ќе се роди и стреите плачат".
Со ова сакаше да ни каже дека женската снага отсекогаш трпела многу тешкотии.
„Во тоа време за женското не се знаеше дали ќе нагази на среќно место или не".
Доколку невестата се разболела се качувала на магаре и се враќала дома. Истото се случувало и доколку немале деца.
Ја прашав и каде одела кога ѝ било тешко на душата.
„Дома, ќе седев сама и ќе се изнаплачев".
На прашањето дали одела кај некоја другарка да ѝ се пожали или исплаче за да ѝ олесни, нејзиниот одговор беше навистина интересен:
„Што дека ќе се пожалам, не ќе ми помогне".
А дали си ги кажувале тајните пред своите другарки или сосетки?
„Се кажува само ако си живеете многу, бидејќи може да ве прекаже. Но, најсигурно мене ми е кај сестра ми".
Од овој разговор би заклучил дека од тогаш, па се до денес се имаат променето многу работи. Женските приказни ги има навистина во голем број.
Единствено непроменето останало гледањето во кафето, како најинтересен чин за жената каде што таа може да си ја разголи душата и горко да се исплаче за тешките денови.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Б. | Црнобело / фото: depositphotos.com