Имало нудистички плажи, населен е барем 7.000 години - Забавни факти за Скопје
Познатиот воз „Ориент Експрес“ поминувал низ скопска територија на патот кон својата дестинација - Истанбул, Мајка Тереза е родена во Скопје, во нашиот главен град е изградена и првата зоолошка градина на Балканот, а за заштитничка на градот се смета Голема Богородица.
Македонија е мала земја, но полна со интересни историски факти, чуда на природата и мали, скриени богатства во рудниците, а нејзината творечка ризница крие многу приказни и легенди.
Но, и Скопје, нашето мало и драго Скопје, е полно со факти, интересни, а некои непознати.
Воз од Скопје до Охрид
Од 1919 година сè до 1966 година, постоел воз на релација Скопје — Охрид.
Вкупната должина на пругата изнесувала 163 километри, а поминувала низ 48 мостови и 36 раскрсници.
Растојанието Скопје — Охрид овој воз го поминувал за околу 22 часа, со оглед на пределите низ кои минувала пругата, којашто е редок инженерски потфат.
По укинувањето на линијата, пругата е демолирана.
Скопје преживеа неколку природни катастрофи
Скопје има преживеано два силни земјотреса и катастрофална поплава кои покрај огромни материјални штети, одзеле и многу човечки жртви.
Скопје преживеа неколку големи потреси, а најголемите се случија во 518 и 1963 година. Земјотресот во 1963 година го промени ликот на градот. Природна катастрофа што го погоди градот на 26 јули 1963 година во 5 часот и 17 минути.
Земјотресот е еден од најкатастрофалните природни непогоди во Македонија, со измерени 6,1 степени според Рихтеровата сеизмичка скала. Траел 20 секунди, со помали потреси до 5 часот и 43 минути.
Покрај огромната материјална штета, во земјотресот животот го изгубиле 1070 граѓани.
На 16 ноември во 1962 година, Скопје го зафатила катастрофална поплава.
730 кубни метри вода истекувале од главниот испустен тунел во хидроцентралата Матка, а преку 70 кубни метри вода во секунда ги преплавувале ѕидиштата на браната.
Езерото почнало да надоаѓа точно во 11:55 часот, односно тогаш ја поминало браната. Во 13:00 часот се прелило во машинското одделение, го однело бетонскиот и камен потпирач пред централата, насипот се растопил.
Во текот на целиот ден и претходната ноќ, на подрачјето на скопската околина дошло до силни врнежи, што предизвикале големи поплави на територијата на Скопје, Петровец, Ѓорче Петров.
Најмногу настрадале подрачјата на општина Идадија, кај градскиот парк, околината на улица Илинденска, околу главната пошта и градскиот плоштад.
Во Скопје биле урнати 1.050 куќи, 157 згради биле под вода, 4.445 граѓани останале без покрив, а поплавени биле и близу 4.000 хектари плодна земја. Водената стихија урнала три моста во Скопје и три во Ѓорче Петров.
Во поплавата, четири лица го изгубиле животот со давање.
Скопје горело два дена
Со цел да се спречи епидемијата од колера на 25 октомври 1689 година, Скопје било запалено и горело два дена. До темел изгореле голем број куќи и дуќани, но епидемијата не сопрела.
Дури и самиот генерал Пиколомини, кој го наредил палењето на градот, се заразил од колера и набрзо умрел.
Иако повеќе извори тврдат дека причината за палежот на Скопје била епидемијата на колера, други сметаат дека тоа било одмазда за опсадата на Виена во 1683 година.
Покрај тоа, Пиколомини се разлутил што го нашол градот целосно евакуиран и напуштен, дури и мислел дека се работи за некаква заседа.
Експресниот воз „Ориент Експрес“ поминувал низ Скопје
„Ориент експрес“, кој ги спојувал Истокот и Западот, е еден од најпознатите возови во историјата кој поминувал низ градот Скопје.
Луксузната железничка линија која функционирала 121 година ги поврзувала Париз и Истанбул и до ден-денес останува симбол на удобно патување, бавно и елегантно.
Во возот имало сместување како хотел со пет ѕвездички, а храната била инспирирана од најексклузивните светски ресторани.
Скопје имало нудистички плажи
Сè до земјотресот кој го уништи градот, Скопје имало плажи долж Вардар и Треска кои биле вистинска атракција и бегство од горештините во летните денови за граѓаните.
Првата вистинска нудистичка плажа во Скопје постоела уште пред војната, во 1932 година, а постоело и првото нудистичко друштво во градот.
Уште поинтересно е што во ова скопско нудистичко друштво членувале исклучиво жени од угледни граѓански семејства. Друштвото имало и своја претседателка. Тоа била познатата скопјанка - госпоѓа Ташана, со прекар Шана.
Според пишаните извори и сеќавањата, членовите на оваа нудистичка група со пајтони оделе до Катлановска Бања и таму уживале на дивите плажи на реката Пчиња. Тоа била првата нудистичка плажа.
Но, тие ги користеле и пустите плажи на реките Вардар и Треска. Избирале специјални места каде што не можеле да бидат видени од љубопитните сограѓани.