Носталгија по детство – игравме џамлии, правевме шатори, повикувавме духови и се натпреварувавме во „Супер Марио“
Пред неколку седмици, во домашна атмосфера, се собравме неколку пријатели – сите до еден раштркани низ светот и од толку многу теми најмногу се задржавме за спомените од детството. Одеднаш се отворија толку многу хоризонти, на површина испливаа заборавени секвенци од детството кои буквално нè разнежија однатре.
Оние, родени во деведесеттите имавме можност да засведочиме едно уникатно и волшебно време.
Спомените од тие детски и тинејџерски години кои се врежани во нашите умови ги доживуваме како сцени од омилен филм. Од безгрижното играње во маалата до првиот контакт со технологија, тој период беше исполнет со многу истражување, креативност и радост.
Нашите маала истовремено беа и наши кралства.
Денски правевме шатори, формиравме сојузи и тргувавме со деца од соседните маала, игравме фудбал, кошарка… Се натпреварувавме кој ќе освои повеќе џамлии, а истовремено ја баравме и најубавата џамлија.
По смрачување во фокус доаѓаше криенка, која знаевме да ја играме со часови. А оној кој ќе го изговори: „Пу за мене, пу за сви, пу за мои другови“ (на кумановски кај нас), буквално беше шизикот на вечерта.
За време на најголемите жештини, кога не смеевме да излегуваме на улица, најчесто се собиравме кај некого дома и таму наоѓавме начин да ѝ избегаме на здодевноста.
Па, токму од слични ситуации добивавме и необични идеи. На пример знаевме да „повикуваме духови“ и тоа со испишување на азбука и игла закачена на конец…
Не знам што гледале тогаш нашите детски очи, но скоро секогаш ситуацијата излегуваше од контрола, па нагло моравме да го прекинеме „процесот“ за кои возрасните не смееја знаат.
Школските распусти освен што беа исполнети со игри, беа пропратени и со по некоја лектира. „Том Соер“ од Марк Твен, „Оливер Твист“ од Чарлс Дикенс, „Пат околу светот за 80 ден“ од Жил Верн, „Хајди“ од Јохана Шпири, „Бојан“ од Глигор Поповски, „Девојките на Марко“ од Оливера Николов, „Споменка“ од Горјан Петрески…
Додека ги пишувам насловите, добив желба да ги прочитам уште еднаш, иако знам дека освежувањето на приказните ќе ме направи поносталгичен по детството.
На времето саботните утре беа како свет ритуал.
Се будиш, се сместуваш на најудобното место во дневната соба и со топол појадок ги гледаш омилените цртани Мики Маус, Пинк Пантер, Том и Џери, Луни Тунс, како и домашните серијали „Македонски народни приказни“ и „Во светот на бајките“.
Сите по дома имавме нинтендо. Ама секогаш играњето беше позабавно во друштво, па најчесто се собиравме по дома и се натпреварувавме во „Супер Марио“ и кој повеќе патки ќе упука на „Duck Hunt“.
Покрај ова, тука не смееме да ги заборавиме и флиперите и легендарните игри: Street Fighter, Cadillacs and Dinosaurs, The Punisher…
Не знам како беше кај другите, ама јас овие видео-игри најчесто ги играв кога ќе одев со моите на летување во Грција, Црна Гора или Турција. Секоја ноќна прошетка не можеше да помине барем без неколку жетони.
Од друга страна, во тие години, колку и да се плашевме и да не можевме да спиеме не сакавме да ги пропуштиме филмовите за Фреди Кругер. Мислам дека јас и брат ми не бевме единствени што нè носеа на бајачки поради овој култен негативец.
Обична полјана или игралиште за нас претставуваше посебен универзум, еден од многуте „портали“ кои ја задоволуваа нашата имагинација. Токму во тие години изградивме пријателства кои траат и до ден денес.
А сега после толку години, иако не можеме да се вратиме во детството барем можеме да го држиме будно детето во себе.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело / фото: www.freepik.com