Вкусот на Скопје: 10-ка со кромид кај Жабарот, еклери и боза во Апче
Списокот за најдобра скара во Скопје е долга, за сечиј вкус, но за многу скопјани, највкусна скара се правела и се прави Кај Жабарот, култно место, мало, но полно со душа, за мерак, со прекрасен поглед на Вардар и Калето.
Ќе ми останат врежани во сеќавања неделните ручеци Кај Жабарот, а потоа се знаеше, како непишано правило, Луна паркот.
Кога се споменува скара и македонски јадења, тогаш не треба да ги заборавиме и скопските кафеани и срцето на боемскиот живот, Дебар Маало. А таму, скоро еден век постои Идадија, една од најлегендарните скопски кафеани.
Таму се спојуваат минатото и иднината, се славеле и ќе се слават родендени, матурски, веридби и крштевки. Во нашето сакано Скопје многу работи се менуваат, но Идадија секогаш остана иста, со познатиот боемски шмек.
На списокот за ресторани и гостилници со најдобра скара, како култни места во Скопје, морам да ги споменам и Лира, ДМ, Наџак, Чардак, Баба Цана на Водно со најтрадиционалните земјени садови, Буре, а сите се сеќаваме на легендарниот скопски ресторан Кај Маршалот.
Трилече и еклери или сладолед?
Кога станува збор за слатки задоволства, синоним ми е Апче. Тука според скопјани се прави најдобра боза, а мене лично омилени ми се падобранците и индијанките.
Уште од 1968 година скопјани го посетуваат овој мал локал со добро познатите вкусови на трилече, еклери, баклава и секако „Бозата на Апче – легенда што се пие“.
Традиција со децении и никој не ја откри тајната за бозата на Мајстор Апче.
На слатката рута низ Скопје мора да се помине и во Шехерезада, во подрумот на ГТЦ или под железничка. Ако Апче е познат по бозата, тогаш Шехерезада е по лимонадата и џиновските шам-пасти, срнечки грб и тортата со чоколадо и вишни.
Меѓу легендарите скопски слаткарници мора да ја споменам и Палма, во Карпош и Аеродром. Вечна ќе биде војната - каде е подобар сладоледот во Палма или Ескимо?
Кога сме кај војната на вкусови, постои уште една - Вили или 7ца? Јас гласам за Вили, но за повеќето 7ца е местото со најдобри хамбургери во градот.
А, кога станува збор за хамбургери, мене мислата секогаш ми е кај единствениот и незаборавен Чичко Стоилко.
За љубителите на италијанската кујна и пицата, се знае кој е главниот фраер во Скопје, Кај Џино!
Сигурно има уште стотици места кои вредат да се споменат, како вафлите од Лептокарија, лахмаџунот од Галерија 7 во чаршија, кафињата во Броз Кафе и Ли и многу други.
Кое вашето омилено место во Скопје?
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
И. Ј. | Црнобело