Бев сведок на утрински инцидент во Скопје - маж кој не беше во право, врескаше и покажуваше среден прст
Луѓето почнаа да ги отвораат прозорците од автомобилите, да му врескаат да побрза. А мажот, кој го направи сообраќајниот хаос, наместо да крене рака во знак на извинување или да влезе во автомобилот, прво им покажа среден прст, па почна да вика погласно од сите нив. Ах, Скопје метрополо, зошто вакви сцени?
Признајте, сите се гордееме кога ќе чуеме или прочитаме дека странците нè фалат како народ. Велат сме биле насмеани, културни, гостопримливи, позитивни, добри, широкогради, со големо срце и што ли уште не. Но, реалноста како да е малку поинаква.
Сите некаде брзаме, нервозни сме, иритирани, ситници нè вадат од такт, а бесот го истураме врз тие што не треба. Дури и врз комплетни странци со кои се разминуваме на улица. Станавме луѓе кои се грижат само за себе.
Можеби нема да се сложите со мене, но сите овие негативности ги испровоцира случка на која бев сведок утрово додека одев на работа.
Не беше ниту 7:45 изутрина. Прерано за толку многу негативен набој меѓу луѓето. А присуствував на навреди, пцовки, желба за физичка пресметка меѓу двајца мажи кои направија сообраќаен хаос спроти Универзална сала.
Едниот си го оставил автомобилот скоро среде улица, а за да си купи појадок во една позната скопска пекарница. Поради лошо паркираното возило, автомобилите не можеа да се движат ни право, ни да вртат десно.
Тука се и оние пластични портокалови столпчиња (кои повеќе прават хаос, отколку што служат за нешто, но, тоа е само лично мое мислење), па автомобилите не можеа да го заобиколат паркираното возило.
Поминува половина минута – минута, а човекот го нема никаде да го тргне автомобилот од среде пат.
Почнаа да свират тие зад него. Една свирка, две, пет... Се направи колона од десетина возила. Сите брзаат на работа, треба да стигнат некаде... а стојат во место.
И пешаците на семафорот во близина почнаа да се вртат, да видат што се случува, свирењето беше неподносливо. Како да „налегнаа“ на свирката сите.
Си излезе мажот од пекарницата, очигледно лут, па реши да им „одржи лекција“ или да покаже дека „му се може“.
Си ја отвори вратата од совозачката страна и полека почна да ја става ќесата со храната. Ја затвори вратата, па како да заборавил нешто, пак ја отвори и со главата се пикна во автомобилот.
Полека излезе, па чекор по чекор тргна накај својата страна. Од автомобилите не престануваа да свират. Отстрана делуваше како ова да го иритира уште повеќе мажот, па го забави чекорот.
Луѓето почнаа да отвораат прозорци, да му врескаат да побрза. А тој, наместо да крене рака во знак на извинување или да влезе со подвиткана глава во автомобилот, прво им покажа среден прст, па почна да вика погласно од сите нив.
„Ти ќе ми кажеш да се поместам? До утре ќе седам овде.
Немој да ти дојдам и да ти ја распукам главата“ – беше коментарот на мажот поради чие лошо запирање започна целиот хаос.
Тука некаде и престанав да слушам што зборуваат, влегов во канцеларија. Само, ми остана онаа мисла во главата – кога станавме нетолерантни кон сите? Дали сме навистина нарцисоидни егоисти кои мислат само и само на себе? До кога ќе покажуваме „мускули“ наместо да се извиниме?
Некои граници сериозно се изместени. Што нè направи такви? И до кога ќе се чукаме во гради дека сме мирољубив народ?
Сакам да верувам дека ова е само еден, изолиран, редок инцидент... Но, не сум сигурна дека е така.
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Искрена | Црнобело / фото: Искрена