Тоше ми пееше „Happy Birthday“ среде Истанбул на Евровизија 2004 – Никогаш нема да го заборавам овој роденден
„Андријана“ – го слушам гласот на Тоше од зад мене. Се свртев, а тој качен на врвот на скалите пред влезот на хотелот, ги рашири рацете и почна да пее „Happy birthday to youuuuuu“. Додека пееше слезе на улица. Се изгушкавме. Дури и ми ги истегна ушите „за да пораснам голема“ – честитка со сите салтанати. Спонтана, искрена, другарска... И една од најдрагите роденденски честитки што ќе ги памтам додека сум жива.
Јас сум една од оние луѓе кои имаат многу спомени поврзани со Тоше. И често сакам да ги споделам со пријателите, па некои од нив знаат да ми речат: „Ендру, ја знаеме приказната“. Да, знам дека понекогаш сум досадна, но убаво ми е кога им раскажувам, затоа што спомените поврзани со Тоше секогаш ми измамуваат насмевка.
Во животот петпати сум била на Евровизија – во Москва (2009), Белград (2008), Хелсинки (2007), Атина (2006) и првпат во Истанбул 2004 година. Со Тоше.
Во тоа време не ни помислував дека еден ден Евровизија ќе ја гледам во живо, од градот каде што се одржува, седната во салата.
А фан сум на Евросонг откога знам за себе. Па можете да замислите колку бев возбудена кога директорката ме праша дали сакам да одам да го гледам Тоше, заедно со уште триесеттина новинари од Македонија.
Целиот аранжман ни го направија од редакција – превоз, хотел, ние само требаше да се спакуваме, да ги наполниме батериите за апаратите и да тргнеме на пат.
По некоја игра на случајност, хотелот во кој беше сместен Тоше со неговиот тим и претставниците на македонската делегација се наоѓаше на некои 150 метри од нашиот хотел.
Па каде и да требаше да се оди – на проба, на забава, на полуфиналето или финалето – јас и Ангела (мојата колешка) секаде бевме со делегацијата.
Никогаш нема да ја заборавам забавата за официјалното отворање на Евровизија, израелската журка, пробите во хотелот „Мерит Антик“, пеењето во автобусот...
И муабетот кој кога слави роденден. Маја Саздановска, која му беше придружен вокал (заедно со Тамара Тодевска и Фани Христова), рече дека е родена на 13 мај – еден ден по финалето на Евросонг.
„Јас сум на 11 мај, ден после полуфиналето, па подобро би ти било да влезеш во финале за да ми почне роденденот со славење“ – му реков на Тоше.
И така некако бидна.
Неговата „Life“ влезе во финале, а ние (македонските новинари), направивме фешта во прес центарот.
Па пред прес центарот. Па пред салата. Па во автобусот додека сите заедно се возевме накај хотелот.
Искрено, од толкава еуфорија не се сеќавам на многу работи.
Памтам дека додека се возевме низ Истанбул, Тоше преку мобилен директно се вклучи во вестите на МТВ за да ги сподели своите впечатоци.
Не верувам дека знаеше што зборува, ни па слушаше што му зборуваше презентерката на вести од што викавме толку многу во автобусот.
Џабе пробуваше шефот на делегација да нè смири... Нема теорија цел автобус да се стиши за да каже Тоше 2-3 збора раат.
Не сакам ни да помислам како му беше на возачот на автобусот. Се сеќавам само дека возеше ужасно брзо, како едвај да чекаше да нè остави и да си ја смири главата од галамата.
Имаше поминато полноќ кога излеговме од автобус, се поздравивме со екипата и со Ангела тргнавме накај нашиот хотел.
„Андријана“ – го слушам гласот на Тоше од зад мене.
Се свртев, а тој качен на врвот на скалите пред влезот на хотелот, ги рашири рацете и почна да пее „Happy birthday to youuuuuu“.
Додека пееше слезе на улица. Се изгушкавме. Дури и ми ги истегна ушите „за да пораснам голема“ – честитка со сите салтанати.
Спонтана, искрена, другарска... И една од најдрагите роденденски честитки што ќе ги памтам додека сум жива.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело