Генијален дизајн за студените зимски ноќи – капсули за преноќување за бездомниците во Германија
Во германскиот град Улм се инсталирани капсули за преноќување, што им овозможуваат на бездомниците да ги поминат студените ноќи на топло и безбедно место.
Милиони луѓе ширум светот се без свој дом и, за жал, ова е проблем за кој уште нема решение на многу места. Проблемите на овие луѓе стануваат уште посериозни со доаѓањето на зимата, кога тие немаат место каде што можат барем да преспијат на топло.
Но, една компанија нашла одлично решение за бездомниците во германскиот град Улм – направиле капсули во кои луѓето можат да преспијат на топло и безбедно место.
Овие капсули се идеални за луѓе кои немаат постојано засолниште, а од компанијата велат дека се одлични и за оние кои сакаат да преспијат надвор од други причини. Во капсулите можат да се сместат двајца луѓе, а бидејќи можат да се заклучат, не мора да се грижат за нивната безбедност.
Името на проектот е Ulmer Nest Project и првите капсули ги поставиле на почетокот од јануари. Првично планирале да ги инсталираат порано, но поради пандемијата морале да го преместат датумот.
Од компанијата и претходно имаат работено на сличен проект, но годинава го усовршиле нивниот дизајн. Истовремено, тимот вели дека постојано прават нови тестови и се обидуваат да се подобрат.
Според еден од дизајнерите кој работел на проектот, тие најпрво ги замолиле жителите на Улм да ги споделат нивните проблеми. Набрзо сфатиле дека бездомништвото е најсериозниот проблем и дека бездомниците немаат каде да ги минуваат суровите зими. Тогаш тимот од 6 дизајнери и технички експерти ги направил капсулите.
Од тимот нагласуваат дека засега капсулите не би биле погодни за постојана употреба, туку само за итни случаи – како екстремно ниски температури во зимските ноќи. Сепак, велат дека уште работат на проблемот и се обидуваат да најдат трајно решение.
Спирова С. | Црнобело / Фото: Facebook