Експерт за „направи сам“: 12-годишно девојче од Англија го реновирало домот за само 125 долари
Со помош на нејзината мајка, 12-годишната Беа од Англија ги „освежила“ сите простории во нивниот дом, и тоа со буџет од само 125 долари.
Бидејќи годинава сите најмногу седиме дома, многу луѓе имаа можност да ги откријат нивните скриени таленти и да најдат многу нови хобија. Истото го направила и Беа од Велика Британија.
Мајката на 12-годишната Беа е експерт за „направи сам“ проекти, па девојчето посакало да научи нешто од неа со што и самата станала експерт.
Малата Беа успеала да „освежи“ неколку простории од домот, и тоа со буџет од само 125 долари. За реновирањето, Беа воглавно користела предмети што веќе ги имаат дома.
Сузи, нејзината мајка, ѝ покажала како да користи разни алатки, како бормашина и пила, па таа успеала да го среди ѕидот во канцеларијата на мајка ѝ, да го обнови изгледот на терасата, па дури и да им даде нов изглед на кујнските елементи.
И самите ќе забележите дека Беа работи како експерт за уредување и нејзините проекти се навистина креативни.
„Начинот на којшто работи е многу попрецизен и почист од мојот. Јас обично работам импулсивно – таа размислува и планира бидејќи сака да го заврши проектот од прва“, вели нејзината мајка.
Сузи има и Инстаграм профил на кој ги споделува проектите што ги сработува со Беа, а веќе има над 18.000 следбеници.
„Не ни се верува за пораките што ги добивме, дури и од Кина и Австралија“, вели Сузи.
Таа додава дека следбениците често им испраќаат фотографии од нивните проекти. Истовремено, Сузи се надева дека наскоро ќе почнат да прават и туторијали за она што го работат.