Македонка прави уметнички ремек-дела на велигденски јајца: „Оваа година предизвик ми беше ликот на Исус Христос“
„Досега имам нацртано над 100 велигденски јајца со ликови од цртани филмови. Но, мојот апетит и идеи се зголемуваат секоја година, па лани со голема љубов и трпение се обидов да ги нацртам двајцата светци Св. Антониј Велики и Св. Јован Богослов, кои им ги подарив на моите внуци чии имиња ги носат. Оваа година најголем предизвик ми беше да го нацртам ликот на Исус Христос и тоа велигденско јајце ќе го издвојам како посебно за мене“ - вели за CRNOBELO.com Елица од Скопје, која ја споделува својата колекција на велигденски јајца.
Елица Блажевска (34) од Скопје, по професија e дипломиран преведувач и толкувач од албански на македонски јазик, и обратно, и голем вљубеник во уметноста.
Благодарение на нејзиниот талент, таа веќе неколку години по ред, за Велигден прави креативни велигденски јајца со цртежи кои се вистински ремек-дела.
Една година темата за Велигден ѝ беа ликови од Дизни цртаните филмови, а низ годините во својата колекција има додадено ликови од многу суперхерои, па дури и лица на доктори за заслугите кои ги имаа во справувањето со корона пандемијата, но и на светци.
Оваа година, Елица е посебно горда на исцртувањето на ликот на Исус Христос, а за CRNOBELO.com открива повеќе детали околу изработката на јајцата и љубовта кон уметноста и Велигден.
„Традиционално во моето семејство на Велики четврток моите баби и сега мојата мајка пред изгрејсонце вапсаа јајца.
Првите секогаш во црвена боја, а како што растевме со мојата сестра и двете вљубени во уметноста, почнавме да ги вапсаме и во други бои, разнобојни, шарени, необични.
Растени со цртаните јунаци на Дизни, оттука се роди таа идеја да почнам да ги цртам на велигденски јајца.
Велигден ми е омилениот празник и секоја година со нетрпение го очекувам за да нацртам уште некој нов лик и како што се наближува, јас веќе однапред размислувам кои ликови би ги нацртала.
Ликовите кои ги цртам се нечија детска желба за јајце со нивниот омилен јунак на кои најмногу се радуваат, а досега имам нацртано над 100 велигденски јајца со ликови од цртани филмови.
Но, мојот апетит и идеи се зголемуваат секоја година, па лани со голема љубов и трпение се обидов да ги нацртам двајцата светци Св. Антониј Велики и Св. Јован Богослов, кои им ги подарив на моите внуци чии имиња ги носат.
Оваа година најголем предизвик ми беше да го нацртам ликот на Исус Христос и тоа велигденско јајце ќе го издвојам како посебно за мене.