5 апликации со кои можете да го контролирате времето пред екран на вашето дете

Една од подобрите апликации е Qustodio, која ви овозможува да поставите дневни ограничувања на времето поминато пред екран и ви испраќа предупредување кога вашето дете ќе го достигне ограничувањето. Кои други апликации би ви биле корисни?

5-odlichni-aplikacii-so-koi-mozhe-da-mu-go-ogranichite-na-vasheto-dete-vremeto-pominato-pred-ekranite-01.jpg

Во денешно време, кога станува збор за растењето на децата, многу родители се „борат“ со технологијата. Сега, кога интернетот е присутен речиси во секој дом, многу е тешко родителите да го ограничат времето на детето поминато пред екран.

Иако (зависно од возраста на детето) добро е да се има познавање од технологијата, сепак, прекумерната изложеност на екрани доведува до низа негативности.

Па, најдобар начин за ефикасно ограничување на времето поминато пред екран на вашите деца е со апликациите за родителска контрола. Тие ви дозволуваат да одлучите колку време вашето дете ќе помине пред телефон или таблет, да креирате распореди за времето поминато пред екран, па дури и да блокирате одредени апликации и сајтови.

Генерално, овие апликации се плаќаат и цените варираат, но повеќето нудат бесплатен период на тестирање за да можете да утврдите дали се соодветни за вас.

Во продолжение погледнете 5 апликации кои ќе ви бидат од корист:

Qustodio 

Qustodio е една од најпопуларните апликации за ограничување на времето поминато пред екран.

Таа ви овозможува да поставите дневни ограничувањата на времето и ви испраќа предупредување кога вашето дете ќе го достигне ограничувањето, така што не ќе морате да проверувате кога истекува.

Откако ќе помине ограниченото време, Qustodio ви дозволува да изберете што ќе правите понатаму, што е одлична можност ако на детето сè уште му треба уредот при помош за домашна задача и слично.

Покрај ова, Qustodio ви овозможува да ограничите одредени временски периоди. На пример, може да го оневозможите пристапот до телефонот на вашето дете од 17 до 19 часот, за да се уверите дека се фокусира на училишните задачи.

Исто и обратно, може да дозволите одредени часови кога детето може да го користи уредот.

Апликацијата има бесплатна верзија, а доколку сакате да ги користите сите опции, ќе треба да платите.

5-odlichni-aplikacii-so-koi-mozhe-da-mu-go-ogranichite-na-vasheto-dete-vremeto-pominato-pred-ekranite-02.png

Norton Family 

Norton Family е одличен избор за поставување приспособени веб-филтри за време на одредени часови, благодарение на неговата функција „School Time“ која ви овозможува да одлучите што може, а што не може да гледа вашето дете во одреден период од денот.

На пример, може да го поставите така што вашето дете нема да има пристап до Јутјуб кога е на училиште, што е многу погодно.

За разлика од Qustodio, оваа апликација не ви дозволува да поставите временски ограничувања за одредени апликации (само ви дозволува да блокирате некои).

Кога ќе заврши ограниченото време, детето сè уште може да го користи уредот, но нема да биде во можност да пристапи до апликации, туку само ќе може да упатува итни повици.

Исто така, добро е што апликацијата обезбедува опција за децата да побараат дополнително време на екранот. Ова е нешто што може да ви помогне кога детето е излезено и навистина има потреба од уште малку време за да го заврши започнатото.

Апликацијата се плаќа, но имате опција да ја тестирате бесплатно пред да се одлучите дали е соодветна за вас.

5-odlichni-aplikacii-so-koi-mozhe-da-mu-go-ogranichite-na-vasheto-dete-vremeto-pominato-pred-ekranite-03.png

Bark 

Bark ќе ви даде контрола врз тоа што вашето дете смее да користи за време на училишните часови, пред спиење или во слободно време.

Освен ова, одлично е тоа што можете да поставите и неделен распоред, а апликацијата ви дава флексибилност привремено да ги менувате правилата за времето поминато пред екранот, без да мора да го менувате целиот неделен распоред.

Тоа е многу корисно во ситуации кога вашето дете има дополнителни домашни задачи или е на одмор.

Но, Bark не може да постави временски ограничувања за одредени апликации, па во текот на ограниченото време го оневозможува само интернетот, а не и апликациите, така што детето сепак ќе може да игра офлајн игри и да користи апликации за кои не е потребна интернет конекција.

Ова може да биде лоша страна ако станува збор за помало дете, но за постари деца не е голем недостаток, затоа што ќе им овозможи да имаат одредена контрола врз активноста со телефонот.

Апликацијата е погодна за почетници затоа што има добро објаснети функции.

И оваа апликација се плаќа, а имате 7-дневен период во кој можете да ја тестирате бесплатно.

5-odlichni-aplikacii-so-koi-mozhe-da-mu-go-ogranichite-na-vasheto-dete-vremeto-pominato-pred-ekranite-04.png

FamiSafe 

FamiSafe е одлична за почетници, сите функции се достапни во едно мени, поради што е лесно да се приспособат поставувањата за времето поминато пред екран, и тоа за брзо време.

На Windows и macOS, FamiSafe овозможува да го ограничите целокупното време за одреден временски период. Кога ќе истече времето, детето добива една минута за да ги заврши своите задачи.

На Chromebook, Kindle Fire, Android и iOS, исто така може да се ограничи времето за одредени апликации, но детето нема да добие некакво предупредување дека му истекува времето.

Има и опција за инстант блокирање, што веднаш ги затвора сите активни апликации на телефонот на детето и го спречува да отвора други апликации. Кога ќе се случи тоа, FamiSafe испраќа известување дека е достигнато ограниченото време поминато пред екранот.

Апликацијата не е бесплатна и нуди 3-дневен период за тестирање.

5-odlichni-aplikacii-so-koi-mozhe-da-mu-go-ogranichite-na-vasheto-dete-vremeto-pominato-pred-ekranite-05.png

Mobicip 

Mobicip ви дава голема контрола врз користењето на телефонот на вашето дете. Оваа апликација ви дозволува да поставувате ограничувања за времето поминато пред екран, и тоа за одредени апликации, исто како што тоа го прави Qustodio.

Откако ќе истече дневното време, вашето дете повеќе не ќе може да го користи својот уред (освен за итни повици).

Она што исто така е добро е тоа што Mobicip го предупредува вашето дете кога ќе истече неговото време и му дозволува да бара дополнително време директно преку апликацијата.

Апликацијата нуди 7-дневен период за бесплатно користење, а потоа ќе треба да платите.

5-odlichni-aplikacii-so-koi-mozhe-da-mu-go-ogranichite-na-vasheto-dete-vremeto-pominato-pred-ekranite-07.png

М. Ѓ | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Како да ги отстраните малите гребаници на екранот на телефонот? Пастата за заби може да ви помогне да ги скриете малите гребаници на екранот, но...
На што треба да внимавате кога купувате онлајн (за да не бидете измамени)? Иако купувањето од вашиот дом е најпрактично, сепак со себе носи и голем број на...
Митови за iPhone кои не се точни (и можат да ви го расипат уредот) Ако исклучите Bluetooth ќе заштедите батерија и телефоните се отпорни на вируси ...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg