И Македонците си отвораат профили на „Threads“ – Каква е новата апликација на Марк Закерберг?
Денес, 6-ти јули, беше лансирана новата апликација на Meta – Threads. Станува збор за социјална мрежа слична на Твитер, која автоматски ве поврзува со вашиот Инстаграм профил и која се фокусира на текстуални објави на кои можете да прикачите и фотки и видеа.
Изгледа дека Марк Закерберг и Илон Маск водат жестока борба во светот на социјалните мрежи.
Додека Маск е критикуван за бројните ограничувања што ги постави на Твитер, Закерберг ја искористи ситуацијата и лансира слична апликација, Threads.
Според официјалниот сајт на Meta – компанијата зад Фејсбук и Инстаграм – Threads е апликација која се фокусира на споделување текстуални објави и вклучување во јавни дискусии.
Текстуалните објави можат да бидат до 500 карактери и да вклучуваат линкови, фотографии и видеа со должина до пет минути.
Покрај ваши објави, можете да цитирате туѓи или да ги споделите на вашиот профил.
„Инстаграм е место каде што милијарди луѓе ширум светот се поврзуваат преку фотографии и видеа. Нашата визија со Threads е да го искористиме тоа што Инстаграм го прави најдобро и да го претвориме во текст, создавајќи позитивен и креативен простор за да ги искажете вашите идеи“, стои на сајтот на Meta.
Од Meta појаснуваат дека исто како на Инстаграм, и на новата апликација ќе можете да заследувате други корисници.
Откако ќе ја инсталирате апликацијата, таа автоматски ве поврзува со вашиот Инстаграм профил.
Можете да изберете профилот да ви биде јавен (сите корисници да ги гледаат вашите објави) или приватен (само корисниците коишто ве следат да ги гледаат вашите објави).
Исто така, апликацијата ви дава можност веднаш да ги заследите сите корисници што веќе ги следите на Инстаграм.
Објавите на Threads ќе можете да ги споделувате на Инстаграм Стори, но и на други платформи преку линк.
Исто така, можете контролирате кој има дозвола да го означи вашиот профил или да одговара/коментира на вашите објави.
Како на Инстаграм, можете да филтрирате одредени зборови за да не ви се појавуваат објави поврзани со нив.
Можете и да блокирате или пријавите некој профил ако имате причина за тоа.
Апликацијата е достапна за iOS и Android.
Доколку си направите профил, не заборавајте да го заследите и профилот на CRNOBELO.com!
Спирова С. | Црнобело / фото: Meta