Девојка со алопеција направила двојна мастектомија поради ризик од рак: „Не сакам реконструкција на дојките, си ставив тетоважи“
- Детали
- четврток, 24 ноември 2022
Мариса од САД има алопеција од 9-годишна возраст, а неодамна направила двојна мастектомија бидејќи постоела огромна можност да добие рак на дојката. Но, таа одбива да направи реконструкција на дојките и наместо тоа, на пределот во градите има тетоважи.
На само 9-годишна возраст, Мариса Кимел од САД била дијагностицирана од алопеција. Откако успеала да ја прифати болеста и престанала да се крие под перики, Мариса направила генетски тест бидејќи многу жени од нејзиното семејство имале рак на дојката.
Тестот покажал дека кај неа постои голем ризик за појава на рак, па одлучила да направи двојна мастектомија. Сепак, Мариса одбива да направи реконструкција на дојките и наместо тоа има тетоважи во областа на градите.
Мариса објавува видеа на ТикТок во кои искрено зборува за предизвиците со коишто се соочила, со надеж дека ќе ги инспирира другите во слична положба како неа.
„Сакам луѓето да сфатат дека никогаш не се сами во овие тешки периоди. Мора да најдете заедница која ќе се грижи за вас кога самите нема да бидете способни за тоа.
Социјалните мрежи можат да бидат проблематични – ги гледате само најдобрите мигови од животот на другите и постојано се споредувате. Додека јас пробувам да го споделам секој аспект од мојот живот“.
Во тинејџерските години, Мариса пробувала да ја скрие алопецијата на секој можен начин и се чувствувала како болеста да ја контролира.
Но, со текот на времето научила да се сака себеси.
„Кога бев дијагностицирана со алопеција, не добив многу информации. Имав девет години и само користев шампони и стероиди. Но, тогаш лекарите правеа да се чувствувам како јас да сум виновна за ова“.
До 14-годишна возраст, Мариса имала примено стотици инјекции со стероиди со надеж дека ќе го спречи паѓањето на косата.
Пред да оди на училиште, со часови се обидувала да ги прикрие местата на главата каде што косата веќе ѝ паднала.
Кога, пак, почнала да користи интернет и да ја истражува својата болест, уште повеќе се исплашила.
„Тоа беа најсрцепарателните фотографии што ги имав видено. Некои луѓе беа ќелави, некои имаа само делови без коса, а сите изгледа мизерно. Па, помислив дека тоа е мојата иднина – нема да имам добар живот. Решив да престанам со сите третмани кои ми даваа само лажна надеж“.
На 19 години, Мариса решила да ја преземе контролата во свои раце и си ја избричила главата.
„Имав уште околу 50% од косата и мојот дечко, кој сега ми е сопруг, ми ја избричи главата. Тогаш се почувствував слободно. Конечно можев да дишам и алопецијата веќе не ми беше толку важна.
Сфатив што е навистина важно во животот. Сакав да се чувствувам убаво, па почнав да се опкружувам со луѓе кои ме прифаќаат таква каква што сум“.
Откако се венчала со дечкото и родила син, Мелиса открила дека во нејзиното семејство има историја на рак на дојката, по што решила да се тестира.
Мелиса дознала дека има 80% шанси да добие рак на дојката и 40 до 60% да добие рак на јајниците.
„Опциите ми беа да не правам ништо шест месеци и да одам на испитувања, или да направам превентивна операција. Ова ме потсети на битката со алопецијата – сакав контролата да биде во мои раце. Па, решив да направам операција“.
На Мелиса ѝ требало време да се помири со фактот дека ќе ѝ бидат отстранети двете дојки, а на крај одлучила дека нема да прави реконструктивна операција.
„Во јануари 2021 година се подготвував за операцијата. Одлучив да не ставам вештачки дојки. Двете години додека ја чекав операцијата, си испланирав какви тетоважи ќе си направам на градите“.
До крајот на годината Мелиса ќе прави и операција за отстранување на јајцеводите.
„По оваа операција нема да можам да останам бремена. Ова е одлука што не можам да ја сменам штом ќе ми ја направат операцијата. Па, чувствувам многу емоции.
Но, сметам дека ова е правилно. Од моето минато научив дека некогаш треба да донесуваме и тешки одлуки. Имам алопеција и направив двојна мастектомија. Горда сум на моето тело и на сè што тоа претрпе“.
Спирова С. | Црнобело