Емотивно видео од железничка во Украина: Мајка се збогува со синот – таа оди на безбедно, тој останува да се бори
- Детали
- понеделник, 28 февруари 2022
Мајка со солзи во очите се збогува со својот син во Украина. Таа заминува на безбедно, тој останува да се бори во татковината. Емотивно видео од железничка станица во Украина...
Додека сè уште трае руската инвазија на Украина, голем број Украинци се обидуваат да ја напуштат земјата.
На железничката станица во Лавов во Западна Украина, на 60 километри од границата со Полска, голем број граѓани се собраа да земат бесплатни билети за бегалци, или да си купат билет со цел да побегнат од земјата.
Како што пишува британскиот весник The Guardian, на оваа железничка станица нема слободни билети за веднаш, а најрано патниците може да резервираат патување за средината на март.
фото: The Guardian
Освен тоа, по прогласената општа мобилизација од земјата можат да излезат само жените и децата, а сите возрасни и здрави мажи треба да останат и да ја бранат татковината.
На социјалните мрежи масовно се споделува видеото на новинарот Мат Гутман од ABC News, во кое се гледа како една мајка со солзи во очите го остава возрасниот син зад себе, додека се подготвува да замине на безбедно.
Очајот и болката јасно се гледаат на лицето на оваа жена, која додека се збогува со синот се обидува да му ја намести капата на јакната, да му го покрие вратот и да го стопли, со што уште еднаш се докажува дека мајчинската грижа нема граници.
фото: Инстаграм - Мет Гудман
Во заднина се слуша друга жена како вели дека нема никакви билети, а дека на мажите не им е дозволено да заминат.
„Денес видовме неопислива тага. Луѓето се заглавени на железничката станица со денови.
Според официјалните извори, десетици илјади бегалци дошле на станицата без билети.
Имаше само два воза до Полска. Останатите ќе преноќат повторно на станицата“ – вели Гутман во описот до видеото.
Според податоците од Обединетите Нации се проценува дека Украина досега ја напуштиле околу 422.000 бегалци кои заминале на безбедно во соседните земји.
Прочитајте и Вирално видео од Украина го расплака светот: Мајка со солзи во очите ја прегрнува жената која ѝ ги пренела децата преку граница
Новинарот на својот Инстаграм профил објави уште неколку видеа од украинско-полската граница. Татко кој се збогува со сопругата и трите деца, толпа Украинци кои чекаат да влезат во Полска...
Погледнете дел од нив:
Б. С. Б. | Црнобело