Преживеале две светски војни, цел живот биле разделени - 107-годишни Јапонки се најстарите идентични близнаци во светот
- Детали
- вторник, 21 септември 2021
Умено Сумијама и Коуме Кодама имаат 107 години и овој септември беа прогласени за најстарите идентични близнаци во светот од страна на Гинисовата книга на рекорди.
Сестрите се родени на 5 ноември 1913 година во Јапонија, а потекнуваат од огромно семејство со 13 членови.
За Гинис, семејството на сестрите открива дека нивното детство било како некоја сапуница и можеби најтешкиот период од нивните животи. Наводно, тие пораснале во период кога близнаците биле презирани, а поради ова често биле малтретирани на училиште.
Кога завршиле основно, сестрите биле разделени – додека Умено останала во родниот крај, Коуме се преселила, а по некое време и се омажила.
Умено се омажила во родното место, па скоро седум децении сестрите живееле разделени и се гледале единствено за венчавки и погреби.
Сестрите имаат преживеано две светски војни, а Умено морала и да го напушти својот дом за време на Втората светска војна поради бомбардирање.
Дури кога наполниле 70 години тие повторно се зближиле поради нивната вера и почнале заедно да ги посетуваат светите места низ државата.
И покрај многуте премрежија, семејството на близначките вели дека тие се прекрасни старици кои не се грижат за ништо и секогаш се добро расположени.
Сестрите имаат и добра смисла за хумор – на нивниот 99-ти роденден изјавиле дека сега изгледаат многу помладо од кога било.
Тие и неретко се шегувале дека ќе го срушат рекордот за најстари близначки, но сепак биле во неверување кога навистина го направиле тоа.
Поради пандемијата, тимот на Гинис не бил во можност да ги посети домовите за стари лица во коишто престојуваат близначките, па само им ги испратиле сертификатите по пошта.
Според вработените во домот, Умено веднаш се расплакала штом го видела сертификатот.
Коуме сега има проблеми со сеќавањето и не била многу воодушевена од сертификатот, но нејзиното семејство е среќно за признанието.
Кога станува збор за долговечност, Јапонците држат и други два рекорди. Најстарата жива личност на светот е 118-годишната Танака Кане од Јапонија.
Најстарата личност која некогаш живеела е повторно Јапонец – Јироемон Кимура кој во 2013-та починал на возраст од 116 години и 54 денови.
Спирова С. | Црнобело