Низ отвор за храна, со експлозиви: Најпознатите бегства од затвор од поново време
- Детали
- четврток, 02 септември 2021
Во последните 20-тина години светската јавност повеќепати била сведок на бегства од затвор, кои на моменти потсетуваат на најлудите филмски сценарија.
Погледнете дел од затворските бегства што во поново време ја изненадија и ја збунија светската јавност. Бегството на Ел Чапо и на корејскиот Худини се само некои од нив:
Трипати со иста финта – Другарите го земаат со хеликоптер од затвор
Францускиот криминалец Паскал Паје успеал да побегне трипати од затвор со хеликоптер, поради што стана познат кај светската јавност. Во 2001-вата година Паскал успеал да побегне од француски затвор откако неговите пријатели го земале од покривот на затворот со киднапиран хеликоптер.
По ова се вратил во затвор, а во 2003-тата година повторно имал бегство со хеликоптер и им помогнал уште на тројца други затвореници да побегнат.
Во 2005-тата бил осуден на 30 години затвор за убиство на стражар што се случило во 1997-мата година. Бил во затвор на кратко, пред да одлучи повторно да побегне. Во јули 2007-мата година неговите пријатели повторно киднапирале хеликоптер. Иако и овојпат успеал да побегне, набрзо повторно бил фатен во Шпанија.
Лидерите на картели не ги градат сами тунелите за бегство
Хоакин Гузам Лоера познат како Ел Чапо е мексикански крал на дрогата и поранешен лидер на картелот синалоа. Тој успеал да побегне од затвор двапати.
Првиот пат во 2001-вата година во Мексико - Ел Чапо ги подмитил стражарите во затворот за да го пуштат. Побегнал така што се качил во количка за алишта за перење и успеал да избегне апсење во следните 13 години.
Во 2014-тата година повторно беше уапсен и 17 месеци подоцна, Ел Чапо успеа повторно да побегне. Овојпат целиот свет беше информиран за начинот на неговото бегство низ 1,5 km долгиот тунел што се наоѓал под тушевите на затворот со максимално обезбедување.
Тунелот имаше осветлување, вентилација и модификуван мотоцикл на шини што најверојатно се користел за изградба на тунелот. Повторно беше уапсен во 2016-тата година.
Бегство низ отвор за храна
Чои Гап Бок е познат и како „Корејскиот Худини“. Тој во 2012-тата година бил уапсен за кражба. Чои по професија бил јога инструктор и пет дена по апсењето успеал да побегне низ отворот за храна што бил висок само 15cm, а 45cm широк. За бегството му требале само 34 секунди.
Како и да е по само 6 дена, повторно бил фатен и уапсен од властите.
Ги сменил улогите со сопругата
Во 2012 година, познатиот дилер Роналд Силва избегал од бразилскиот затвор. Кога неговата сопруга дошла за нејзината неделна посета, таа на нејзиниот сопруг му ја дала облеката што ја носела на себе и се пресоблекла во резервна облека што ја носела во чантата.
Силва по ова ги избричил рацете и нозете, ставил вештачки нокти, перика, кармин, високи потпетици.
Си поминал слободно покрај стражарите во затворот без никој да забележи нешто. Но, кога им се доближил на пријателите што го чекале на автобуската постојка еден од полицајците забележал дека нешто не е во ред, затоа што „жената“ не можела да оди во штикли без проблеми.
Бегство како во акционен филм
Францускиот гангстер Редоан Фаид служел затворска казна од 25 години за кражба од 2010-тата година во која една полицајка го загубила животот. Во 2013-тата тој првпат побегнал од затвор.
Со помош на експлозиви пробил пет затворски врати и побегнал. За време на целото бегство држел заложници за да побегне. Сепак бил уапсен по неколку недели додека правел планови како да побегне во Израел.
Во 2018-тата тој повторно се обиде да побегне. Овојпат три маскирани мажи киднапирале хеликоптер и го присилиле пилотот да застане во дворот на затворот. Тие го оставиле хеликоптерот во дворот и го оставиле и пилотот неповреден, а побегнале со автомобил. По кратко возење автомобилот го оставиле во трговски центар и го запалиле, а бегството го продолжиле со бело комби.
Сепак Фаид бил уапсен само 3 месеци подоцна.
Б. С. Б. | Црнобело