Срцепарателни графити од храбра Авганистанка: „Цртам жени со затворени очи бидејќи тука нема ништо убаво за гледање“
- Детали
- петок, 27 август 2021
Шамсија Хасани се смета за првата улична артистка во Авганистан а преку нејзините дела ги прикажува предизвиците со кои се соочуваат жените од нејзината држава. Шамсија има предавано на Универзитетот во Кабул, а почнала со сликање во 2010 година. Црпејќи инспирација од своето искуство со опресијата, таа се обидува да ги претстави проблемите на Авганистанките.
Шамсија е родена во Иран во 1988 година, а пораснала во Авганистан бидејќи нејзините родители Авганистанци не можеле да работат таму.
„Уште помнам дека Авганистанците не можea да работат во Иран поради нивната националност. Им велеа дека немаат дозвола од владата да најдат работа, па моите родители се соочуваа со многу тешкотии. Но тогаш бев многу мала и не ни разбирав што се случува“, открив артистката во интервју за Bored Panda.
Во 2010 година во Авганистан таа почнала да оди на курс за цртање графити, а откако ги научила техниките сфатила дека тоа ќе биде нејзиниот медиум.
„Многу ми се допадна и сметав дека оваа вештина ќе има многу примени. Верував дека графитите можат да бидат алатка со која ќе ги претворам ѕидовите опустошени од војната во шарени слики“.
Шамсија сакала да ги прикрие остатоците од војната низ нејзиниот град, за луѓето да можат да гледаат нешто ново и убаво, наместо пукнатини и дупки од куршуми.
Но, како што Шамсија станувала подобра во цртањето графити, почнала да ја губи слободата за своето креативно изразување. Иако почнала да твори кога нештата во Авганистан се подобрувале, сепак наидувала на проблеми, најмногу поради својот пол.
„Луѓето во Авганистан немаат нешто против уметноста, но им пречат женските активности. Па, секојпат кога некој ќе ме видеше како цртам графити, ме навредуваше, ме пцуеше, а некои ми велеа дека сум правела грев“.
Артистката почнала да стравува за својата безбедност, па не трошела повеќе од 15-тина минути на нејзините графити.
„Кога цртав на јавни места, по 15 минути почнував да се плашам за безбедноста, па си одев. Ако имав можност да останам 2-3 часа, моите дела би биле многу подобри. Но во 15 минути можев или само да нацртам нешто едноставно, или да го оставам делото недовршено“.
Друг проблем бил тоа што речиси и да немало каде да ги црта нејзините графити – никој не сакал графити на неговите ѕидови, а оние кои сакале, барале сликата да биде по нивен избор.
Шамсија вели дека изминативе 20 години, иако имало многу проблеми во државата, жените сепак забележале некаков напредок кога станува збор за нивните права – имале можност за образование и личен напредок.
„Напредокот беше бавен, но ветувачки. Но сега, со враќањето на Талибанците, многу жени ја напуштаат државата и… не гледам светла иднина. Целиот труд од сите овие години беше залуден“.
Шамсија, за среќа, е на безбедно, но тагува што морала да ја напушти својата држава.
Кога станува збор за нејзините дела, таа вели дека може добро да ги разбере жените во Авганистан, бидејќи и самата е жена, па затоа одбрала ликот во нејзините дела да биде жена.
„Бидејќи и јас сум жена, ги разбирам жените и знам дека тие имаат повеќе ограничувања отколку мажите во нашето општество, одлучив ликовите во моите дела да бидат жени. Односно жена со затворени очи и без уста, некогаш со оштетен музички инструмент кој ѝ дава самодоверба да зборува и да прави нешто. Очите ѝ се затворени бидејќи нема ништо добро за гледање. Таа одбира да игнорира сè за да чувствува помалку тага“.
„Жената во моите дела некогаш бара мир, а некогаш нема идентитет. Некогаш е изгубена во нејзините соништа, како и во болката и тагата. Се мачи со минатото и иднината, но е патриот кој си ја сака земјата и се бори со безнадежноста“.
Срцепарателните дела на Шамсија:
Спирова С. | Црнобело