3 девојки откриле дека имаат исто момче – му раскинале и заедно тргнале на пат низ САД во дом на тркала
- Детали
- понеделник, 16 август 2021
Четири девојки од САД сосема случајно откриле дека имаат исто момче кое ги лаже и кое на сите четири им ветило дека ќе ги носи на патување со комбе или автобус низ државата. Штом стапиле во контакт една со друга, веднаш му раскинале, а за полесно да се справат со целата ситуација, три од нив решиле заедно да одат на патувањето што им го ветувало неверното момче.
Три од четирите девојки купиле стар автобус, сами го средиле ентериерот и тргнале на патување кое не само што им помогнало да го заборават момчето што ги лажело, туку целосно им го променило животот.
21-годишната Морган Табот е првата која почнала да чувствува дека нешто не е во ред со нејзината врска. Таа и момчето чие име не го открива, биле заедно околу една година, кога Морган почнала да се сомнева дека тој крие нешто од неа.
Тогаш решила да му го провери Инстаграм профилот и забележала дека има многу коментари и лајкови од некоја девојка.
Набрзо Морган дознала дека нејзиното момче е во врска со неа, а најмногу се изненадила кога сфатила дека девојката оди на ист универзитет како неа.
Како ова да не било доволно, веднаш потоа Морган дознала дека момчето има уште две девојки – 18-годишната Бека Кинг и 19-годишната Аби Робертс. Врската со Бека траела пет месеци, а онаа со Аби околу еден месец.
„Целата ситуација ми беше нереална. Беше навистина чудно и ужасно што дознав нешто такво“.
Кога сите четири девојки сфатиле што се случува, направиле заеднички видео повик за да разговараат за бизарната ситуација.
„Тогаш почнавме да правиме споредби, се обидувавме да сфатиме која е оваа личност којашто мислевме дека ја знаеме и на којашто ѝ верувавме. Беше лудо. Постојано се допишувавме и само се обидувавме да ја преболиме ситуацијата и да сфатиме што воопшто ни се случи“, вели Аби.
По првата средба во живо девојките веднаш се зближиле, па дури отишле и на патување на Хаваи. Сфатиле и дека момчето на сите им ветило дека ќе ги носи на патување низ државата со комбе или автобус.
Тогаш почнале да се шегуваат дека можеби треба заедно да одат на такво патување, но со текот на времето шегата се претворила во план којашто го реализирале.
Во април годинава, Аби, Бека и Морган, без четвртата девојка, почнале со реализација на планот - купиле стар школски автобус и почнале да го реновираат. Реновирањето, пак, дополнително ги зближило и значително им помогнало да заборават на момчето што ги повредило.
Девојките завршиле со реновирање на почетокот од летото и веднаш тргнале на авантура да ги истражат најубавите места низ САД.
Девојките велат дека веднаш се навикнале на животот на тркала и се вљубени во нивниот нов дом, без разлика што е многу мал.
„Реновирањето и патувањето излегоа полесни отколку што мислев. Сметам дека на сите три ни е убаво кога сме заедно. Постојано си кажуваме шеги и се забавуваме“, вели Аби.
Сега девојките се сигурни дека ја оставиле лошата врска зад нив и велат дека единствениот проблеми им е тоа што немаат клима во автобусот.
Истовремено, иако се свесни дека се запознале во мошне необични околности, сите три се благодарни за она што се случило и за нивното ново пријателство.
„Нашето пријателство ни беше приоритет. Нормално, се запознавме поради момчето, но најдовме мир во тоа што изградивме пријателство кое веќе нема врска со него“.
Аби, Бека и Морган се вљубиле во овој начин на живот и иако најпрво планирале патувањето да трае до ноември, најверојатно ќе патуваат многу подолго.
„Ни се допаѓа заедницата. Мислам дека сакаме да патуваме што е можно повеќе. Ова е сон што сме го имале сите три и сега не знам дали би сакале да се вратиме назад“, споделува Морган.
Спирова С. | Црнобело